Филип Михов

Македонската машка и женска шаховска репрезентација, остварија успех во 7-то коло на 23. Европско екипно првенство (ЕП), кое во девет кола се одржува во Терме Чатеж (Словенија). Младиот дебитант во репрезентацијата, Филип Михов освои цел поен на четвртата табла (63-ти потег), додека останатите три партии завршија без победник, што беше доволно за 2,5-1,5 и за триумф на Македонија против Шкотска (рангирана 37-ма).

И женската репрезентација на Македонија (рангирана 31-ва), исто така славеше со 2,5-1,5 против Норвешка (рангирана 27-ма). Цел поен освоија Моника Стоковска на првата и Ивана Манова на четвртата табла, која засега игра одлично на ова ЕП, Драгана Николовска ремизираше во добиена позиција, а загуби Сања Трајковска.
По седум одиграни кола македонските шахисти со една победа, две ремија, три порази и едно слободно коло или вкупно пет бода (11,5 поени по табли), моментно се на 33-то место, каде што беа рангирани и пред почетокот на ЕП во конкуренција на 39 селекции, додека шахистките се на 26-то место со две победи и четири порази, додека во 1-то коло беа слободни, и сега имаат вкупно пет бода (10,5 поени по табли), во конкуренција на 31-на селекција. Во утрешното 8-мо, претпоследно коло, шахистите играат со Белгија (рангирана 30-та), а шахистките со Хрватска (рангирана 23-та).

На две кола до крајот, кај мажите водат Азербејџан и Украина со 11 бода (откако во ова коло Русија загуби од Украина со 1,5-2,5 н.з.), додека Русија е трета со 10. Кај дамите пак, и понатаму е прва Русија со 14 бода, пред Русија со 11 и Украина со 10. На ЕП 2021 се пријавени 39 машки репрезентации со 193 шахисти (127 ВМ, 37 ИМ), а кај шахистките 31 држава со 154 шахистки (11 ВМ, 23 ЖВМ). Титулите во обете конкуренции ги брани Русија.

ШКОТСКА – МАКЕДОНИЈА 1,5-2,5

ФМ Алан Тејт (2.342) – ИМ Филип Панчевски (2.490) реми

KM Адам Бремнер (2.204) – ИМ Никола Николовски (2.401) реми

FM Грахам Морисон (2.251) – ИМ Тони Лазов (2.393) реми

Фредерик Гордон (1.739) – Филип Михов (2.255) 0-1

 

МАКЕДОНИЈА – НОРВЕШКА 2,5-1,5

ЖФМ Моника Стојковска (2.066) – ЖВМ Олга Должикова (2.187) 1-0

Сања Трајковска (1.960) – Моника Махлик (2.096) 0-1

Драгана Николовска (1.877) – Едит Махлик (2.087) реми

Ивана Манова (1.809) – ЖФМ Мауд Родсмун (2.114) 1-0

Г.И.