Ѓоковиќ шести пат ја заврши годината на првото место на АТП-листата, Рублев е тенисерот со најголем напредок годинава, Надал ја освои наградата за ферплеј, Федерер ја доби наградата на гледачите, Тиафо за хуманитарна работа, Алкараз е дебитант на годината…
ТЕНИС – НАГРАДИ НА АТП
Асоцијацијата на тениски професионалци (АТП) ги сумира резултатите и остварувањата годинава и ги објави најдобрите тенисери за 2020 година. За играч на годината, според пласманот на АТП-листата, АТП го прогласи Србинот Новак Ѓоковиќ, кој ја почна 300-та недела на првото место на АТП-листата. Ѓоковиќ шести пат ја заврши годината на првата позиција, изедначувајќи се со рекордот на Пит Сампрас. Сезонава Ѓоковиќ ја освои осмата историска титула на гранслем-турнирот Австралија опен, ги освои мастерс-турнирите во Дубаи, Њујорк и во Рим, а на гранслем-турнирот Ролан Гарос играше во финалето.
Според гласовите на играчите, Русинот Андреј Рублев е тенисерот што најмногу напредувал во 2020 година. Рублев ја почна годината на 23-то место на АТП-листата, а ја заврши на осмото. Сезонава тој победи на турнирите во Аделаид, Доха, Хамбург, Виена и во Санкт Петербург, што го прави и тенисер со најмногу титули годинава. Тој се пласира во четврт-финалето на гранслем-турнирите САД опен и на Ролан Гарос, а сезоната ја заврши со ефект од 41 победа и 10 порази.
АТП го прогласи Шпанецот Карлос Алкараз (17) за дебитант на годината. Алкараз ја заврши 2019 година како 491. играч во светот, а во 2020 година стигна до 136-то место. Алкараз освои три трофеи од челинџ-турнирите и со тоа тој влезе во клубот на тенисери што освоиле три челинџ-турнири пред својот 18-ти роденден, како претходно Ѓоковиќ, Хуан Мартин Дел Потро, Феликс Агуер-Алиасим и Ришар Гаске.
Канаѓанецот Васек Поспишил беше прогласен за повратник на годината. Негов најдобар пласман во минатото беше 25-то место во светот, но по големата пауза во 2019 година, поради операција на грбот, тој сезоната 2020 ја почна надвор од врвните 100. По одличните игри сезонава, тој направи скок од 89 места и годината ја заврши на 61-та позиција на АТП-листата.
Четврти пат во кариерата Шпанецот Рафаел Надал ја освои наградата за ферплеј, Франсис Тиафо ја доби наградата за хуманитарна работа, а 18-ти пат по ред Швајцарецот Роже Федерер ја доби наградата на гледачите. Тренерот на Рублев, Фернандо Висенте, беше прогласен за тренер на годината итн.