Претседателката на Шаховската федерација на Македонија (ШФМ), Александра Гакидова, заедно со претседателот на Шаховскиот сојуз на град Скопје (ШСС), Ѓорѓи Миновски, оствари средба со директорот на Агенцијата за млади и спорт (АМС), Наумче Мојсовски, за неколку значајни теми за развојот на шахот во Македонија и за организацијата на шаховските настани годинава. За годинава од посебен интерес е Европскиот клупски куп (ЕКК) во машка конкуренција, во Охрид од 27 ноември до 5 декември. Ова ќе биде третпат ЕКК да се одржи во Македонија, по одличните организации во Охрид пред 12 години и во Скопје во 2015 година, во двете конкуренции.

– Состанокот беше организиран пред се` да се запознаеме со директорот на АМС и да поразговараме за плановите кои и` претстојат на ШФМ. Имајќи предвид дека ЕКК е главен настан кој ќе се организира годинава сметавме дека треба да ја запознаеме АМС со настанот и да побараме поддршка. Директорот на АМС покажа конкретна заинтересираност за ЕКК, но и за шахот воопшто. Состанокот помина во пријателска и позитивна атмосфера, а ШФМ доби ветување дека АМС ќе го поддржи организирањето на ЕКК во рамките на нејзината можност – ни изјави претседателката на ШФМ, Гакидова, која во духот на европските интереси, е и за што поголема присутност на жените, не само на полето на шахот, туку и во сите сфери на општественото работење.

На средбата беше разговарано и за други активности кои ШФМ и ШСС ги имаат во план, како што е воведување на шахот во основните училишта, за почеток како факултативна секција во училиштата во Скопје и можности за проширување на тој проект и во други градови во Македонија.

Г.И.