Покрај Вренези, признанија ќе добијат и спортските работници Сократ Ефтимовски (борење), Ванчо Јовановски (ракомет), Бесник Мурати (карате) и Ѓорѓи Вучков (атлетика)
ПО ДОБИВАЊЕТО НА ДРЖАВНАТА НАГРАДА „8 СЕПТЕМВРИ“ ЗА ЖИВОТНО ДЕЛО
Поранешниот истакнат македонски борач, а денес тренер и селектор на македонската репрезентација Лулзим Вренези е годинашен добитник на државната награда „8 Септември“ во 2020 година за животно дело за исклучителен придонес во развојот на спортот, афирмацијата и промоцијата на државата на меѓународен план. Вака одлучи Одборот за доделување признанија на спортисти, тренери и спортски работници за успешни остварувања во областа на спортот.
– Искрено, во ваква силна конкуренција не очекував да го добијам ова високо признание, но, сепак, сметам дека го заслужив. Трудот што сето време го вложив во борењето, и како натпреварувач и како тренер, на крајот се исплатеше и поради тоа сум многу среќен. Убедливиот резултат од гласањето во моја корист доволно зборува за сѐ. Признанието, секако, ќе ми претставува поттик повеќе за уште поголема работа и нови успеси во македонското борење, сега како селектор – изјави Вренези за „Нова Македонија“.
Вренези е учесник на две летни олимписки игри (во Атина во 2004 година и во Пекинг во 2008 година), на 11 ЕП (на ЕП 2000 е петти, а на ЕП 2001 четврти). Пет пати го освојувал пехарот на меѓународниот турнир „Македонски бисер“. Селектор е на сениорската репрезентација од 2013 година.
Покрај Вренези, наградени се уште и македонските спортски работници Сократ Ефтимовски (борење), Ванчо Јовановски (ракомет), Бесник Мурати (карате) и Ѓорѓи Вучков (атлетика). Наградите свечено ќе им бидат предадени утре во Собранието на Република Македонија.