Поранешниот потпретседател на ИОК и на Светската антидопинг-агенција (ВАДА), Паунд, кој е член на ИОК од 1978 година, посочи дека е „можно откажување“ доколку вирусот не се стави под контрола

Доколку во следните три месеци, до крајот на мај, не се стави под контрола коронавирусот, во опасност ќе биде доведено одржувањето на Летните олимписки игри (ЛОИ) во Токио, вели Дик Паунд, најдолготрајниот член на Интернационалниот олимписки комитет (ИОК).
Оваа негова процена за потенцијалната закана следува и покрај тоа што Тоширо Муто, главен извршен директор на Организацискиот комитет (ОК) на Игрите, тврди дека одложувањето воопшто не е на дневен ред.

Поранешниот потпретседател на ИОК и на Светската антидопинг-агенција (ВАДА), Паунд, кој е член на ИОК од 1978 година, посочи дека е „можно откажување“ доколку вирусот не се стави под контрола.
– Многу работи треба да почнат да се случуваат. Мора да почнат работите околу безбедноста, храната, хотелите, каде што ќе се градат објектите за медиумите и друго. Ова е нова војна и треба да се соочиме со неа. Во следните месеци луѓето ќе почнат да прашуваат дали работите се под контрола за да бидеме сигурни околу одењето во Токио или не – изјави Паунд за Асошиејтед прес.

Откако почнаа шпекулациите за евентуално преместување на Игрите, се огласи кандидатот за градоначалник на Лондон, Шон Бејли, кој рече дека главниот британски град, домаќинот на ЛОИ 2012, е подготвен да го замени Токио! Но Паунд не се согласува со таква опција и верува дека е можно „само откажување на Игрите“.
– Колку што знаеме, вие ќе одите во Токио. Сите индиции во оваа фаза се дека работите се одвиваат како и обично. Затоа, бидете фокусирани на вашиот спорт и бидете сигурни дека ИОК нема да ве испрати во пандемична ситуација – гласи пораката на Паунд во спортистите.
ИОК соопшти дека ќе ги следи советите од Светската здравствена организација (СЗО), која предупредува за можна пандемија доколку коронавирусот продолжи да се шири низ целиот свет.