Емил Павлов

Боите на Македонија ќе ги бранат 12 репрезентативци

МАКЕДОНСКИТЕ КАРАТИСТИ ПОДГОТВЕНИ ЗА СП 2021

Македонската машка и женска сениорска карате-репрезентација во борби и во кати, предводена од селекторите Александар Кузмановски, Арлинд Хусеини (борби) и Стојан Андриевски (кати), денеска патуваат на Светското првенство (СП), во Дубаи, ОАЕ. Боите на Македонија ќе ги бранат вкупно 12 репрезентативци.
– Подготовките во Дојран поминаа успешно. Ги одработивме едни од најдобрите подготовки заедно со репрезентациите на Црна Гора, Бугарија и на Албанија, за сите најдобро да се подготвиме и да освоиме медал во Дубаи. Очекувам да го дадам својот максимум, задоволен сум од мојата форма, се надевам на успешен настап и ќе дадам сѐ од себе да се вратам со медал од Дубаи, оти медал од СП е една голема цел за мене. Во репрезентацијата имаме многу квалитетни натпреварувачи и сметам дека секој од нас има квалитети за голем успех. Се надевам дека Македонија може до втор медал на сениорско СП – вели Емил Павлов.
Конкуренцијата на светските првенства секоја година е сѐ посилна, за СП 2021 досега се пријавени 1.054 каратисти од 117 земји. Единствениот сениорски медал, и тоа бронзен од СП за Македонија го освои Жарко Арсовски во Белград во 2010 година.
Македонија на СП 2021, мажи: Фаик Весели (категорија до 60 кг), Емил Павлов (до 67 кг), Петар Заборски (до 75 кг), Берат Јакупи (до 84 кг), Жарко Арсовски (над 84 кг), Александар Неделковски (кати). Жени: Сара Радичевска (до 50 кг), Јована Георгиева (до 55 кг), Вероника Костовска (до 61 кг), Ангела Мојсовска (до 68 кг), Симона Симовска (до 68 кг), Пулексенија Јованоска (кати).