Во реваншот во Скопје, одбојкарите на Вардар повторно загубија од Чез Карловарско,
со 1-3 (во првиот меч беше 0-3)
Одбојкарите на Вардар загубија од чешки Чез Карловарско со 1-3 (25-21, 18-25, 17-25 и 15-25), во реванш-мечот во втората квалификациска рунда, што значеше и збогување со купот Челенџ.
Мала утеха за младите одбојкари на Вардар е освоениот сет против многу поквалитетната и поискусна екипа, лидерот во шампионатот на Чешка и редовен учесник во европските куп-натпреварувања. Најдобар во редовите на Вардар, повторно, како и на првиот меч во Карлови Вари, беше поранешниот македонски репрезентативец и интернационалец Јовица Симовски, кој забележа 18 поени.
– Одигравме во рамките на нашите моментални можности и колку што ни дозволи противникот. Го добивме првиот сет, потоа гостите што имаат поквалитетен и поширок избор на играчи го кренаа нивото на играта, за разлика од нас, кои од сет во сет „паѓавме“ надолу. Добра околност е што младите одбојкари на Вардар добија шанса да излезат на европска сцена, да играат против добра екипа и да стекнуваат искуство. Сега ни останува да се сконцентрираме на шампионатот на Македонија, амбициите ни се да триумфираме, во Kупот исто така, ќе видиме. Најголеми конкуренти ќе бидат бранителот на титулата, Џио Струмица, и Универзитет Тетово – вели тренерот на вардарци Деан Стојанов.
Пред мечот, двајца поранешни одбојкари на Вардар, Трифе Трифуновски и Зоран Докузовски, членови на „златната“ генерација од 1970-тите години, првакот на СФР Југославија и освојувач на купот и учесник на фајналфор-турнирот во Купот на шампионите, добија пригодни подароци, врамени дресови со нивните презимиња и бројки на грбот.