Магнус Карлсен

Македонскиот првак Алкалоид во третото коло минимално загуби од шпанска Валенсија со 2,5-3,5, но до крајот има уште четири кола, па битката за врвот ќе биде докрај неизвесна

ШАХ – ЕВРОПСКИ КЛУПСКИ КУП ВО СТРУГА

Македонскиот првак Алкалоид и прв кандидат за шампионскиот трофеј на годинашниов 36. Европски клупски куп (ЕКК) што се игра во Струга, минимално со 2,5-3,5 загуби од шпанскиот претставник Валенсија (рангиран на 5-то место), во 3-то коло, од предвидените седум. Во редовите на Алкалоид, кој е европски шампион од 2016 година во Нови Сад, победи само Ернесто Инаркиев, загубија Данил Дубов и Јуриј Криворучко, додека другите три партии завршија мирољубиво. Но до крајот има уште четири кола, а борбата за шампионскиот пехар дури допрва почнува. Во ова коло, од македонските машки претставници само Гамбит Асеко СЕЕ (рангиран на 16-то место), со 4-2 го совлада романски Перфект (рангиран на 18-то место), благодарејќи на победите на ИМ Никола Николовски и на ФМ Љубиша Андоновски, додека Прилеп (рангиран на 17-то место) загуби од фаворизираниот руски Медни Всадник (рангиран втор) со 0,5-5,5, а Гостивар (рангиран на 31-то место) од шведски Васа (рангиран на 35-то место) со 2,5-3,5.

Ако се направи споредба по три одиграни кола на последните три одржани ЕКК, Алкалоид во 2019 година имал четири бода (две победи и еден пораз), а на крајот завршил на 4-то место со 10 бода. Година порано имал три победи во првите три кола со уште пет екипи, а на крајот го освоил 6-то место со 11 бода. Во 2017 година исто така имал три победи, а на крајот бил втор со 11 бода. Кога стана европски шампион во Нови Сад во 2016 година со 12 бода, Алкалоид имал исто така шест бода по првите три кола, со уште четири екипи.
Својата прва партија за норвешки Оферспил (рангиран осми) ја одигра и светскиот првак Магнус Карлсен (2.855 рејтинг-поени), кој потешко од очекуваното го принуди на капитулација во 91-от потег Јеле Сарау (2.374) од холандскиот тим Зуид-Лимбург. Норвежаните го добија дуелот со вкупни 5,5-0,5 поени и моментно се на 12-то место со четири бода.
По 3-то коло, во водство со по максимални шест бода се руски Медни Всадник, чешки Нови Бор, руски КПРФ, израелски Бер Шева и Валенсија. Алкалоид е шести, Прилеп деветти, Гамбит 11-ти, сите со по четири бода, додека Куманово е на 35-то место без бодови во конкуренција на 38 екипи.
Кај шахистките, македонските екипи Куманово и Алкалоид одиграа 2-2, додека МШК Центар загуби од украински ГРЕКО со 1-3. Руски Јужен Урал со 2,5-1,5 го совлада словенечки Тајфун, додека прворангираниот Монте Карло со 3-1 го надигра австриски Баден. Во водство е Јужен Урал со максимални шест бода, пред ГРЕКО со пет, Монте Карло, Алкалоид и Куманово имаат по три, Тајфун два, додека МШК Центар е последен, осми, без освоен бод.

Покрај екипните бодови, на ЕКК продолжуваат и поединечните остварувања по табли, оти најдобрите ќе освојат медали. Засега со по три максимални победи се Шпанецот Давид Гуљаро (2.651) од екипата на чешки Нови Бор, неговиот клупски колега, Полјакот Матеуш Бартел (2.611), Израелецот Нитзан Стеинберг (2.537) од Бер Шева, Шпанецот Хаиме Сантос (2.627) од Валенсија, Русинот Ернесто Инаркиев (2.663) од Алкалоид, Французинот Матиј Корнет (2.578) од француски Асниерес и Гани Хамити (2.123) од косовската екипа Дарданија. Досега мажите одиграле 342 партии, белите фигури славеле 136 пати, црните 96, а со реми завршиле 109 дуели. На ЕКК, најмногу шахисти има од Русија (28), Шведска (24), Македонија (21), Германија 18, Исланд и Косово по 16, Норвешка 14, Шпанија 12, Србија 11, Англија и Холандија по 10 итн. Кај шахистките, пак, нема ниту една со максимални три победи. На ЕКК има најмногу претставнички од Русија и од Бугарија, по седум, следуваат Украина, Хрватска, Словенија и Македонија по четири итн.