Со текот на времето сфаќате дека не е сѐ под ваша контрола, има работи што можеби не можете да ги надминете. Но и ако не го постигам тоа, барем ќе се обидам да бидам што е можно поблиску до третата титула. Прво сакам да уживам во продолжението на Ф1 и да се чувствувам доволно брз. Ако еден ден чувствувам дека не сум конкурентен, не го чувствувам болидот, не уживам во трките, ќе бидам првиот што ќе му даде можност на нов возач. Се надевам дека тоа нема да се случи наскоро, бидејќи сакам да се тркам барем уште две, три, четири години. Мислам дека возраста не е проблем, вели Алонсо
ФОРМУЛА 1
Уште го имам истиот дух и истите тркачки амбиции за освојувањето на третата титула во Формула 1 и тоа е единственото нешто што ме мотивира, изјави 40-годишниот возач Фернандо Алонсо во интервју за „Би-би си“. Алонсо се врати сезонава во Формула 1 и кажа дека чувствува дека може да продолжи да вози уште неколку години, но свесен е за фактот дека освојувањето трета титула може да биде невозможно.
– Со текот на времето сфаќате дека не е сѐ под ваша контрола, има работи што можеби не можете да ги надминете. Но и ако не го постигам тоа, барем ќе се обидам да бидам што е можно поблиску до третата титула – вели Алонсо.
Во интервјуто, Алонсо зборува и за голем број аспекти од неговото враќање во Формула 1, за грижата за неговото наследство и угледот, за неговиот однос со новата генерација возачи, уште колку долго сака да продолжи да се натпреварува и колку се чувствува блиску до своето најдобро ниво.
Светскиот шампион со Рено во 2005 и во 2006 година и победник на 32 трки, ја напушти Ф1 на крајот на 2018 година за да продолжи со други амбиции во мотоспортот. Меѓутоа, по покана на поранешниот тим на Рено, а сега Алпина тим, повторно се врати во конкуренција.
– Прво сакам да уживам во продолжението на Ф1 и да се чувствувам доволно брз. Ако еден ден чувствувам дека не сум конкурентен, не го чувствувам болидот, не уживам во трките, ќе бидам првиот што ќе крене рака и ќе му дадам можност на нов возач. Но се надевам дека тоа нема да се случи за брзо време, бидејќи сакам да се тркам барем уште две, три, четири години. Мислам дека возраста не е проблем. Ако имате поголема сила, одите побрзо во свиоците, а ако имате поголема моќ, побрзо одите на правите делови. Не е дека со 20 или со 40 години (возраст) ова се менува многу – рече Шпанецот.
Алонсо стана икона на мотоспортот со неговите достигнувања во изминатите 20 години, а неговото враќање беше поздравено од новата генерација возачи, особено од оние што претходно не се тркаа против него. Алонсо вели дека „ужива“ во враќањето и оти се обидува да го сведе на минимум одвлекувањето на вниманието на настаните надвор од автомобилот.
– Сакам трки. Ги сакам болидите. Ја сакам технологијата и тоа колку се паметни сите инженери во тимот. Учиш многу од овие луѓе. Но во исто време, чувствувате дека тоа е половина бизнис, половина спорт. Не сте во можност да се натпреварувате под истите услови како и некои од вашите противници, и има многу медиумски активности, многу спонзорски активности и околу трките. Значи, треба да заштедите енергија и да бидете 100 отсто кога ќе влезете во автомобил. И надвор од автомобилот се обидувам да заштедам што е можно повеќе енергија и можеби затоа е впечатокот дека сум тивка личност – вели Алонсо за „Би-би-си“.
Алонсо е познат и по високите стандарди што ги наметнува за себе велејќи дека уште е на 10 отсто од својата најдобра партија.
– Ќе бидете целосно задоволни кога ќе почувствувате дека секогаш кога ќе влегувате во автомобилот, нема повеќе од тоа и чувствувате дека сте ги извлекле сите десетинки од секундата од автомобилот. Јас можеби уште не сум во таа позиција, но блиски сум – рече Алонсо.
Се грижам за угледот и многу ми е важно тоа
Се грижам за угледот и многу ми е важно тоа. Сите ние што се тркаме сме целосно фокусирани на денот, на перформансите и на она што го постигнуваме секој викенд. На долг рок, би било убаво кога на крајот ќе се пензионирате да нема погрешна перцепција за тоа каков возач сте биле или како сте ги постигнале резултатите. На некој начин, работите на некои позитивни пораки за кои се надевате дека ќе останат подолго откако ќе се пензионирате. Има многу нови љубители на спортот, многу помлада генерација, кои никогаш не виделе некои од моите трки или некои од моите шампионати. Ги видоа само последните неколку години и имаат сосема погрешна перцепција за тоа кој е секој од нас, вели Фернандо Алонсо за „Би-би-си“.