Откако во 2016 година ја освои дуплата круна, екипата на ОК Шутова од Кичево има шанса и годинава да ја освои шампионската титула, ако во претстојниот двомеч со актуелниот првак Струмица оствари три победи.
Кичевскиот прволигаш финалната серија ја отвора на домашен терен, но имајќи го во предвид пласманот во основниот дел од првенството, екипата на Струмица и пред почетокот на плејофот има предност од 1-0 во победи.
Кичевските одбојкари засилено се подготвуваат за утрешниот натпревар и очекуваат со несебична помош од публиката да дојдат до првата победа и израмнување на резултатот на 1-1. Во двата досегашни натпревари одиграни во Кичево оваа пролет, Шутова има половичен скор. Во клубот се мобилизираат и се подготвуваат со триумф да ја отворат серијата натпревари, а тоа ни го потврди и првиот човек на клупската управа.
– Иако во основниот дел екипата на Струмица заврши на првото место, ние со резултатите остварени оваа пролет потврдивме дека имаме конкурентен состав и дека сме кадарни да се носиме и со најдобрите. На претстојниот натпревар со екипата на Струмица очекуваме сите наши одбојкари да го дадат својот максимум и со несебична поддршка на публиката да дојдеме до првата победа во финалната серија. Затоа ги повикуваме и гледачите во што поголем број да дојдат на овој натпревар и да не поддржат, а ние ќе им возвратиме со добра игра, и се надевам со прва победа – истакна директорот на ОК Шутова, Башким Мехмети.
Играчите ветуваат борба до последен здив и воопшто не се оптоваруваат од фактот што од другата страна на мрежата е актуелниот првак и победник на купот.