Почетокот на 107-то издание ќе биде в сабота во Ница, со безбедносни меури и тампон-зони, со мобилни лаборатории за тестирање и со минимална интеракција со медиумите

Годинашното 107. издание на најголемата светска велосипедска трка Тур де Франс,ќе биде како никое претходно. Почетокот в сабота во Ница ќе биде со безбедносни меури и тампон-зони, со мобилни лаборатории за тестирање и со минимална интеракција со медиумите. Прес-конференциите ќе бидат преку Зум, а на новинарите ќе им биде забранет пристапот до тимските автобуси и хотели. Ќе нема карвани со возила по патиштата, ќе нема и бонбончиња „харибо“ што толпата ја фрла врз велосипедистите.
Она што нема да изостане е редовното тестирање на ковид-19. Организаторот на Тур ја потврди политиката за двојни тестови што значи дека доколку во тимот има двајца позитивни на ковид-19, тој ќе биде исклучен од трката. Со тоа се зголемува можноста лидерот во „жолтата“ маичка да биде принуден да ја напушти трката, па и пред финишот во Париз, иако не е позитивен!

Замислете дека тоа е Тибо Пино, кој би бил во ситуација да стане првиот Французин победник на Тур, по Бернар Ино во 1985 година. Тоа би можело да биде причина за втора француска револуција, пишува британскиот „Телеграф“.
Сепак, покрај неизвесноста и ограничувањата поради ковид-19, речиси е надреално дека најголемата годишна спортска манифестација во светот воопшто ќе се одржи.
Ќе беше фасцинантно да се гледа како тројца поранешни победници, Крис Фрум, Герент Томас и Еган Бернал, се борат за тимска доминација во Инеос и на Тур, но, за жал, тоа нема да се случи. Фрум и Томас ќе ги нема, но Велшанецот може да се утеши со фактот дека ќе има голема шанса да победи на Џиро д’Италија.

Во меѓувреме, Фрум ќе има уште месец или два за да ја подобри формата за шпанска Вуелта. Ако успее да победи таму третпат, на последната голема трка за Инеос, 18 месеци по тешката незгода, тоа ќе се рангира како едно од неговите најголеми достигнувања во кариерата, истакнува „Телеграф“.
Едно е сигурно, Инеос ќе атакува на осмата победа на Тур во последните девет години и тоа ќе треба да го стори на начин како никогаш досега. Тимот Џамбо – Визма минатата година покажа дека има моќ да му попречи на Инеос да ја контролира трката како што сака. Холандскиот тим сега е уште посилен. Начинот на кој доминираа на трките по продолжувањето на сезоната, со Примож Роглич како прв возач, покажа дека ривалите ќе имаат многу маки да ги запрат. Инеос ќе треба да го стори тоа без човекот што беше тактички „гуру“, Николас Портал, кој почина од срцев удар во март, на 40-годишна возраст, една од најомилените личности во велосипедизмот, највлијателен спортски директор во Инеос. Останува да се види како ќе функционира Инеос без него. 


Нови возачи и нова тактика

Инеос испроба различни тактики на неодамнешниот Критериум ди Дофин, дозволувајќи му на Џамбо еден ден да ја предводи трката, а следниот ден да го диктира темпото. Но ништо не сторија. Кога беше соопштено, во последен момент, дека шампионот од Џиро 2019, Ричард Карапаз, ќе биде во составот за Тур, беше јасно дека британскиот супертим решил да ги промени работите, односно возачите ќе се распоредат на сосема поинаков начин.

Бернал е во добра форма. но постојат прашалници за Еквадорецот Карапаз (27), кој никогаш не возел на Тур и ја темпираше формата за октомври годинава, за Џиро и за Вуелта. Тој е способен за големи работи, како што покажа лани на Џиро, а брилијантната етапна победа на неодамнешната трка во Полска, исто така, сугерира дека тој е во добра форма.

Со Павел Сиваков, кој би можел да биде кандидат и за севкупен победник, доколку му се дозволи да биде прв возач, со Мајкл Квјатковски и другите, на Инеос не му недостига квалитет. Историјата исто така сугерира дека немилосрдните потези на шефот на тимот, Дејв Брејлсфорд, честопати давале плод.