ЕП 2020 може да се игра во помалку од 12 града?
Европската фудбалска унија (УЕФА) го одложи за 17 јуни состанокот на Извршниот комитет (ИК) закажан за 27 мај, поради некои „отворени точки“ во врска со градовите-домаќини на одложеното Европско првенство (ЕП) за следната година, објави УЕФА.
ЕП 2020 требаше да почне на 12 јуни и да трае до 12 јули, во 12 града (Амстердам, Баку, Билбао, Букурешт, Будимпешта, Копенхаген, Даблин, Глазгов, Лондон, Минхен, Рим и Санкт Петербург). Во меѓувреме, поради пандемијата на коронавирусот и одложувањето, некои градови и земји станаа скептични за организацијата на такви натпревари што го потврди и претседателот на УЕФА, Александар Чеферин, пред неколку дена.
– Девет града ја потврдија посветеноста за одржување мечеви во 2021 година, но со преостанатите три имаме некои отворени прашања. Затоа ќе разговараме понатаму. Планираме ЕП да се одржи во 12 града, но подготвени сме да го организираме во 10, девет или во осум града – вели Чеферин. Л.Д.
Бунт во Рајо Валјекано- не сакаат намалени плати
Фудбалерите на Рајо Валјекано одбија да тренираат во клупскиот тренинг-центар во знак на протест поради намалување на нивните плати. Играчите на овој шпански второлигаш (11-та позиција со 40 бода, води Кадиз со 56) бараат од раководството на клубот да им ги врати целосно платите (кои беа намалени како резултат на кризата предизвикана од пандемијата на коронавирусот), пред да се вратат на тренинзите во мадридското предградие Валекас. Поради ова, тие решија да тренираат во своите домови наместо во тренинг-центарот. Во Шпанија од понеделникот на играчите им е дозволено да тренираат во помали групи. Во многу шпански клубови платите се намалени за 70 отсто во екот на пандемијата. Минатата недела во истата лига протестираа и играчите на Елче (шести со 46 бода), а потоа управата на клубот ги прифати нивните барања. Г.И.
Камери во соблекувалните на Премиер-лигата?
Премиер-лигата работи на продолжување на фудбалската сезона следниот месец, а постојат идеи за зголемен пристап на ТВ-компаниите. Според весникот „Мирор“, Скај и БТ спорт сакаат да инсталираат ТВ-камери во соблекувалните на клубовите во Премиер-лигата. Натпреварите ќе се играат зад затворени врати и сите ќе се пренесуваат на телевизија, најголемиот дел од нив на Скај и на БТ спорт, а мал број ќе биде достапен бесплатно на Би-би-си. Ваквиот пристап би можел да биде „дел од пакетот“ за да се намали сумата што клубовите би требало да им ја вратат на ТВ-операторите поради тримесечната пауза дури и ако сезоната продолжи. ТВ-операторите се заинтересирани и за камера во тунелот, како и за интервјуа на паузата помеѓу двете полувремиња со менаџерите или со играчи од двата тима. Л.Д.