ЕП ВО ДВОЈКИ ВО БРЗ ШАХ
Злато за Ерменија

Ерменската шаховска двојка Елина Даниелјан и Шант Саркисјан го освои првото место на Европското првенство (ЕП) во шах во двојки со брзо темпо на игра (време за размислување три минути, плус две секунди по секој одигран потег), во полскиот град Краков, како придружно натпреварување на Европските игри (ЕИ), кои се во тек.
Поканети беа осум тима, членови на Европската шаховска унија (ЕЦУ), според најдобро комбинираниот рејтинг на листата на Светската шаховска федерација (ФИДЕ). Секој тим се состоеше од еден шахист над 2.650 рејтинг-поени и една шахистка над 2.350 рејтинг-поени во класичен шах.
Сребрениот медал го освои Холандија (Елина Роберс и Бенџамин Бок), а бронзениот Азербејџан (Гунај Мамаџада и Шахријар Мамеѓаров). Потоа следуваат Полска, Романија, Шпанија, Израел и Украина. Турнирот беше оценет како голем успех, оти стотици шаховски ентузијасти ја исполнија салата на операта во Краков, каде што се играше ЕП. Г.И.


ФУДБАЛ
Откриена маскотата на ЕП 2024, сега следува изборот на името

Организаторите на Европското првенство (ЕП) в година во Германија објавија дека маскота на шампионатот ќе биде мечка, која ќе добие име откако ќе заврши гласањето на официјалната интернет-страница на Европската фудбалска унија (УЕФА). Четирите имиња од кои ќе се избере едно се Алберт, Бернардо, Бернхарт и Херци фон Бер.
– Маскотата оддава почит на трајната привлечност на скромното кадифено мече, за кое се вели дека потекнува од Германија од почетокот на 20 век – пишува УЕФА.
Маскотата беше промовирана синоќа во Гелзенкирхен, каде што Германија играше тест-меч со Колумбија. Но, изненадувачкото деби на маскотата се случи вчераутро во основно училиште во Гелзенкирхен, истакнувајќи ја амбицијата да се инспирираат децата низ Европа да се активираат и да ја охрабрат нивната љубов кон фудбалот и неговите вредности, пишува УЕФА. Н.М.


ФУДБАЛ
Роналдо: Не бркам рекорди, тие ме бркаат мене

Кристијано Роналдо, ако настапил синоќа за репрезентацијата на Португалија, на гостувањето кај Исланд во квалификациите за пласман на Европското првенство в година во Германија, стана првиот фудбалер со 200 настапи за една репрезентација. Тој е светски рекордер и според бројот на голови за една селекција, со 122 гола.
– Знам дека држам некои од рекордите за националниот тим. Јас сум најдобар стрелец на репрезентација на сите времиња. И знам дека држам многу други рекорди. Но, ова го кажувам искрено, јас не бркам рекорди, тие ме бркаат мене. Затоа сум многу среќен. И оттаму доаѓа мојот мотив да продолжам да играм на највисоко ниво за репрезентацијата – рече Роналдо, пренесе агенцијата „Ројтерс“.
Во женска конкуренција рекордерка е Кристин Лили, со 354 настапи за репрезентацијата на САД, а вкупно 26 фудбалерки од 11 земји одиграле 200 или повеќе мечеви за соодветните репрезентации. Н.М.