ТЕНИС – ТУРНИР ВО АВСТРИЈА
Ѓорческа во четврт-финалето со победа над шестата носителка
Лина Ѓорческа се пласира во четврт-финалето на тенискиот турнир во Австрија (се игра на земјена подлога, за вкупен награден фонд од 60.000 долари) откако во осминафиналето ја победи шестата носителка на турнирот Ева Лис од Германија со 0-6, 6-4, 6-4. Во првото коло на турнирот во Австрија, Ѓорческа ја победи Нина Поточник од Словенија со 6-3, 6-0. За пласман во полуфиналето македонската тенисерка денеска ќе игра со победничката од дуелот Викторија Кузмова (Словачка, трета носителка на турнирот) и Вероника Фалковска (Полска). Ѓорческа вчера настапи во осминафиналето и во игра на двојки, заедно со Леа Бошковиќ од Хрватска.
ФУДБАЛ
Кејн е 72-от фудбалер со најмалку 50 гола за репрезентација
Хари Кејн постигна гол за реми 1-1 на Англија на мечот со Германија на гости, во Лигата на нациите, лига А, група Ц и стана само вториот фудбалер што постигнал барем 50 гола за репрезентацијата на Англија. Со погодокот, Кејн го престигна Боби Чарлтон, а на таа листа на стрелците во водство е Вејн Руни со три гола повеќе од Кејн.
На светската листа, пак, води Португалецот Кристијано Роналдо со 117 гола. Кејн е вкупно 72-от фудбалер што постигнал најмалку 50 гола (рамно 50 постигнале седуммина) за некоја репрезентација, на таа листа во моментов има 17 активни фудбалери, а од нив најблиску до Роналдо е Лионел Меси со 86 погодока за Аргентина.
ФУДБАЛ – КВАЛИФИКАЦИИ ЗА СП 2022
Перу и Австралија ќе играат за шести настап на СП
Репрезентацијата на Перу (Јужна Америка) ќе игра со селекцијата на Австралија во едниот од двата интерконтинентални плејоф-меча за пласман на фудбалското Светско првенство (СП) годинава во Катар, откако Австралија во Катар победи на мечот со ОАЕ со 2-1, во баражот од квалификациите во Азија. Мечот се игра во вторник, во Катар, а победникот на СП 2022 ќе игра во групата Д, заедно со Франција, Данска и со Тунис.
И Перу и Австралија досега по пет пати настапиле на светските првенства, а на СП 2018 беа во иста група. Перу играл на првото СП, во 1930 година, а потоа и во 1970 (пласман во четврт-финалето), 1978, 1982 и во 2018 година. Австралија, пак, играла на мундијалите во 1974, 2006 (пласман во осминафиналето), 2010, 2014 и во 2018 година.
Вториот интерконтинентален меч е в среда, исто така, во Катар, а се среќаваат Костарика (Северна Америка) и Нов Зеланд (Океанија). И Костарика има пет настапи на СП, во 1990, 2002, 2006, 2014 (пласман во четврт-финалето) и во 2018 година, а Нов Зеланд двапати играл на СП, во 1982 и во 2010 година. Победникот на СП 2022 ќе настапи во групата Е, во која се Шпанија, Германија и Јапонија.