Премиер-лигата потврди дека не се гласало за кратка пауза во првенството, бидејќи клубовите засега решиле да продолжат со натпреварите според важечките протоколи. На клубовите им било советувано доколку имаат 13 здрави играчи, плус голман, да ги играат натпреварите

ФУДБАЛ
Во Англија нема прекин на првенството, ќе се игра и за празниците

Мечевите во англиската фудбалска Премиер-лига ќе се играат и во текот на празничниот период, од 26 декември до 2 јануари, беше одлучено на состанокот на водечките луѓе на 20-те клуба од Премиер-лигата, пишува „Би-би-си“. На состанокот било разговарано за тоа дали краток прекин на првенството би бил најдобриот начин да се надмине сегашната состојба и да се оди напред и за тоа секој клуб да одигра по две средби во текот на празничниот период, што значи дека ниту едно коло не би било целосно одложено. Во соопштението од Премиер-лигата беше потврдено дека не се гласало за кратка пауза во првенството, бидејќи клубовите засега решиле да продолжат со натпреварите според важечките протоколи. На клубовите им било советувано доколку имаат 13 здрави играчи, плус голман, да ги играат натпреварите.
Минатиот викенд беа одложени шест од 10-те натпревари од 18-то коло поради големиот број новоинфицирани со ковид-19 во повеќе клубови. Премиер-лигата потврдила дека има 90 нови позитивни случаи од 12.345 теста на играчи и персонал, направени помеѓу 13 и 19 декември. Таа бројка е двојно поголема од минатонеделните 42 случаи, што беше рекорд од почетокот на пандемијата. Во понеделникот беше објавено дека 77 отсто од играчите во Премиер-лигата примиле по две вакцини, што е пораст од 68-те проценти во октомври. Вкупно, 84 отсто од играчите примиле барем по една вакцина, а заедно со стручниот персонал таа бројка се зголемува на 92 отсто.
Со оглед на тоа што варијантата омикрон е водечка според бројот на случаи на дневна основа во Велика Британија во моментов, повторно се вратени протоколите за итни случаи за да се заштитат играчите и стручниот персонал. Владата, исто така, воведе и дополнителни ограничувања за гледачите, па тие сега ќе треба да покажат доказ дека се целосно вакцинирани или дека се негативни на ковид-19 за да влезат на стадионите. Л.Д.


МАКЕДОНСКИ ОЛИМПИСКИ КОМИТЕТ
Врачени првите признанија „Златна Олимпија“

Македонскиот олимписки комитет (МОК) првпат ја одржа манифестацијата „Златна Олимпија“, настан што има цел да ги прослави спортските успеси и достигнувања на жените во спортот и да ги афирмира заложбата и пораката за поддршка на родовата еднаквост во спортот. Настанот, кој ќе биде традиционален, има цел да ги потврди спортските достигнувања на спортистките и да даде стимул за поголеми спортски достигнувања во иднина, објави МОК. Признанието за најдобра спортистка во 2021-та го доби каратистката Пулексенија Јовановска, која на Летните олимписки игри (ЛОИ) во Токио го освои деветтото место. Најдобра спортистка во индивидуалните спортови е Мери Акиевска, која освои четири злата на 75. Светското првенство (СП) во бодибилдинг. Ракометната репрезентативка Сара Ристовска е најуспешната во екипен спорт, настапувајќи за ЦСКА Москва на фајналфор-турнирот во Лигата на шампионите (ЛШ) и за македонскиот национален тим. Пливачката Миа Блажевска Еминова е најдобрата млада спортистка, ракометната селекција до 18 години е најдобра репрезентација… Л.Д.


И сезонава без реванши во ФА-купот

Во третото и во четвртото коло на англискиот фудбалски ФА-куп сезонава ќе нема повторени натпревари во случај на нерешени резултати, за да се најдат термини за одигрување на одложените натпревари од Премиер-лигата поради ковид-19. Минатиот викенд не се одиграа шест од 10-те меча во 18-та премиерлигашка рунда. Натпреварите ќе се играат додека не се добие победник, со продолженија и пенали доколку е потребно. И во минатата сезона не се играа нови натпревари за да се „олесни притисокот“ врз фудбалскиот календар. Третото коло од ФА-купот треба да се одигра помеѓу 7 и 10 јануари. Финалето е закажано на 14 мај, на стадионот „Вембли“. Реванш-мечевите во ФА-купот ќе се вратат во сезоната 2022/2023, од четвртото коло. Л.Д.