Повеќе од 10.000 теста за првите две трки во Формула 1
Помеѓу 10.000 и 12.000 теста за коронавирусот треба да бидат направени за првите две сезонски трки во Формула 1 во Шпилберг, Австрија, на 5 и на 12 јули, објави австриската новинска агенција АПА, а пренесе германскиот спортски дневен весник „Кикер“ на својата интернет-страница.
Концептот предвидува дека примероците се транспортираат двапати на ден во лабораторија за анализи во близината на Минхен, која работи 24 часа на ден, а резултатите треба да бидат познати во рок од 16 до 24 часа по земањето на примероците. Првите две тест-станици на патеката беа отворени во вторникот.
Сезоната за тенисерките продолжува на 3 август
По пауза од пет месеци, на 3 август треба да продолжи сезоната на турнирите за тенисерки под раководство на ВТА, и тоа во Италија, со отвореното првенство во Палермо, на Сицилија, првиот од 20-те досега договорени турнири за сезонава.
Меѓу тие 20 турнири се и два гранслема, во Њујорк (од 31 август) и во Париз (од 27 септември), како и два од задолжителните од серијата Премиер, во Мадрид (од 14 септември) и во Пекинг (од 12 октомври). Дополнителни турнири треба да се потврдат подоцна.
Најдобрите осум тенисерки според поените во текот на календарската година ќе се натпреваруваат во финалето на сезоната, во Шенжен (Кина), од 9 ноември.
Дејвис постави рекорд на Бундес-лигата
Канадскиот крилен фудбалер Алфонсо Дејвис постави нов рекорд во германската Бундес-лига, откако трчаше со брзина од 36,51 км на час на натпреварот на Баерн против Вердер. Минатиот викенд тој ја доби наградата „дебитант на сезоната во Бундес-лигата“, па тоа беше двојна причина за славење на тинејџерот, пишува на интернет-страницата на ФИФА.