ФУДБАЛ, ЕП ДО 21 ГОДИНА
Трета титула за Германија
Германија е новиот европски првак во фудбал (до 21 година), победувајќи ја Португалија во финалето во Љубљана, Словенија, со 1-0. За Германија, која го играше третото финале во низа (вкупно петто), ова е трета титула во оваа конкуренција, по 2009 и 2017 година. Португалците го загубија и третото европско финале (1994, 2015 и 2021).
Стрелец на победничкиот гол беше Лукас Нмеча, роден во Хамбург, но пораснат во Англија, за која настапуваше за селекциите под 21 година, пред да почне да настапува за Германија во 2019-та. Нмеча, кој е играч на Манчестер сити, а ланската сезона ја мина како позајмен играч во Андерлехт, беше најефикасен на турнирот со четири гола. Тој го постигна и победоносниот гол за Англија во финалето на ЕП 2017 (до 19 години.), против Португалија (2-1).
За најдобар играч на завршниот турнир беше прогласен Португалецот Фабио Виеира. Л.Д.
ФУДБАЛ – ПРЕМИЕР-ЛИГА
Де Брујне повторно најдобар играч на сезоната
Играчот за врска на Манчестер сити, Кевин де Брујне, втора сезона во низа го добива признанието за најдобар фудбалер на сезоната 2020/2021 во Премиер-лигата, во изборот на Здружението на професионални фудбалери (ПФА).
Клупскиот колега на Де Брујне, Фил Фоден, е добитник на признанието за најдобар млад играч на сезоната, во која Манчестер сити ги освои третата шампионска титула во последните четири години и Лига-купот.
Де Брујне (29) е вториот играч што две сезони во низа е најдобар, по Кристијано Роналдо во Манчестер јунајтед, во 2007 и 2008 година.
– Да гласаат за вас конкурентите, играчите со кои се натпреварувате секоја недела и да ве изберат, тоа кажува многу. Кога ги имате овие работи, можете на своите деца и да им кажете: „Видете, ова го стори тато кога беше помлад“ – изјави Де Брујне, кој сезонава даде шест гола и имаше 12 асистенции за одиграни 2.001 минута.
Фоден (21) одигра 50 меча за Манчестер сити во сите натпреварувања минатата сезона и постигна 16 гола. Дебитира за репрезентацијата на Англија во септември и е во составот на Герет Саутгејт за ЕП 2020. Л.Д.
ТЕНИС
Федерер се повлече од Ролан Гарос
Швајцарецот Роже Федерер се повлече од гранслем-турнирот Ролан Гарос во пресрет на осминафиналниот дуел со деветтиот носител, Италијанецот Матео Беретини. Како причина се наведуваат болките во коленото што се појавиле по исцрпувачкиот тричасовен дуел со Германецот Доминик Копфер, кој Федерер го доби со 3-1 во сетови (7-6, 6-7, 7-6, 7-5).
– Откако разговарав со мојот тим, решив да се повлечам. По две операции на коленото и повеќе од една година рехабилитација, важно е да го слушам моето тело и да не претерувам на патот кон целосното закрепнување – стои во изјавата
на Федерер, која ја пренесе
организаторот на турнирот.
Федерер, кој победи на Ролан Гарос во 2009-та, истакна дека негов следен приоритет е Вимблдон (28 јуни до 11 јули). Та.Д.