Марката има црвено-бела рамка, а со сино-златната боја на теренот и рака што држи топка се оддава почит на официјалните бои на ИХФ

РАКОМЕТ – ПО ПОВОД 75 ГОДИНИ ПОСТОЕЊЕ ИХФ

Промовира поштенска марка

Во пресрет на својот 75-ти роденден (12 јули 1946 година), Светската ракометна федерација (ИХФ), во соработка со Швајцарската пошта, промовира поштенска марка, со која го одбележа своето постоење. Поштенската марка има црвено-бела рамка, а со сино-златната боја на теренот и рака што држи топка се оддава почит на официјалните бои на ИХФ. Во центарот на марката се наоѓа силуета на ракометар во скок со топка, со што се истакнуваат динамичноста и движењето на спортот, кој на почетокот на 20 век еволуира од надворешна верзија 11 наспроти 11 до модерната форма во затворен простор со седум наспроти седум играчи, а исто така и во ракомет на плажа.
На ЛОИ во Рио 2016, ракометот го потврди своето високо котирање на глобалната спортска табела, со тоа што стана втор најголем спорт според бројот на продадените билети, а во 2018-та, ракометот на плажа го имаше своето олимписко деби на Младинските олимписки игри во Буенос Аирес. Со шест континентални конфедерации и членство на 209 федерации, ИХФ има едно од најголемите друштва меѓу меѓународните спортски федерации признаени од Меѓународниот олимписки комитет. Јубилејната поштенска марка на ИХФ е достапна за купување во сите продавници на Швајцарската пошта и во онлајн продажба. Та.Д.


ТЕНИС
Сабаленка прва на турнирот во Мадрид

Белоруската тенисерка Арина Сабаленка го освои ВТА- мастерсот од серијата 1.000 во Мадрид, откако во финалето со 2-1 во сетови ја победи првата светска тенисерка, Австралијката Ешли Барти. На петтата носителка на турнирот и седма светска тенисерка Сабаленка, триумфот во Мадрид ѝ го донесе нејзиниот десети трофеј во кариерата.
– Повеќе не се плашам од земјената подлога. Претходно премногу размислував дека оваа површина не е за мене и дека е навистина тешко да се игра на неа. Годинава се опуштив и едноставно ја играв мојата игра – изјави Сабаленка по успехот во Мадрид.
За Сабаленка ова е втор трофеј сезонава, по триумфот во Абу Даби во јануари, а четврти во изминатите 12 месеци. Минатиот месец, Барти ја победи Сабаленка во три сета во четврт-финалето на Мајами опен, а пред две недели беше подобра и во финалето на турнирот во Штутгарт. Белорусинката сега има успех 10-5 во финалињата, а од 2019-та има освоено 10 турнири од последните 12. Со триумфот во Мадрид, Сабаленка првпат во својата кариера ќе биде во топ 5, на ВТА-рангирањето.
Во машкото финале на турнирот во Мадрид синоќа играа петтиот носител, Германецот Александар Зверев, и осмиот носител, Италијанецот Матео Беретини. Та.Д.


ПОЧНА ЏИРО Д’ИТАЛИЈА
Гана најбрз на првиот хронометар

Италијанецот Филипо Гана победи на првата етапа на хронометар долга 8,6 км во Торино, со време од 8,47 минути, на 104-то издание на легендарната велосипедска трка Џиро д’Италија. Втор, зад светскиот првак Гана, беше неговиот сонародник Едоардо Афини, кој задоцни 10 секунди, а трет беше Норвежанецот Тобијас Фос со заостаток од 12 секунди.
Еден од фаворитите за конечна победа, младиот, 21-годишен Белгиец, Ремко Евепоел, за кого ова беше прв официјален настап откако ја скрши карличната коска при тешкиот пад од мост на трката во Ломбардија во август 2020 година, беше седми, со 19 секунди заостанување зад Гана.
– Имав солзи во очите на стартната рампа. Помина долго време од повредата и, ете, конечно имав можност да ја почнам првата грантур-трка, што ме прави многу среќен. Седма позиција во првата етапа, совршен почеток за мене, не го очекував ова и многу сум горд – изјави Евепоел.
Британецот Сајмон Јејтс, уште еден од фаворитите за триумф на Џиро, задоцни 37 секунди зад Гана. Л.Д.