Серијата турнири во забрзан, брз и во класичен шах во Биел се играат и со повеќе други мерки за заштита. Главниот настан во класичен шах продолжува денеска, а се игра и со експериментално бодување (за победа четири поени, за реми 1,5)
Првиот шаховски настан од највисоко ниво со мечеви на табла по паузата од март, поради пандемијата на коронавирусот, се игра во Биел (Швајцарија), пишува интернет-страницата „Чес.ком“. Во изминатите пет месеци шах се играше исклучиво преку интернет.
– Серијата турнири во Биел се играат со бариера од плексиглас помеѓу шахистите и со посебен концепт за заштита (објавен на официјалната веб-страница), општите принципи вклучуваат физичко растојание, редовно миење на рацете и дезинфекција на часовниците, таблите и на фигурите по секое коло… – пишува „Чес.ком“.
Во минатите седум дена се играа партии во забрзан и во брз шах, првиот дел од главниот настан во класичен шах се заокружи во петокот, а вториот дел треба да продолжи денеска (се игра до среда).
За серијата турнири во Биел организаторите избраа мешавина на т.н. блиц-партии, брзи и класични, но и со различно бодување, па, така, на турнирот во класичен шах победа вреди четири поени, а ремито 1,5, во забрзан шах за победа се добиваат два, за реми еден поен, а во брз шах еден поен вреди победата, а се добива половина поен за нерешено.
Сите три турнири заедно, пак, се сметаат за т.н. велемајсторски триатлон (играат осум шахисти од осум земји), со посебна збирна табела.