ТЕНИС

Светскиот рекет број еден Србинот, Новак Ѓоковиќ, смета дека е потребно воведување електронски систем на одредување на падот на тениското топче, таканаречен „око соколово“ на сите тениски турнири и дека линиските судии во тој случај би биле непотребни.
– Со сета моја почит кон традицијата и културата што ја имаме во овој спорт, кога станува збор за луѓето присутни на теренот за време на еден натпревар, вклучувајќи ги и линиските судии, навистина не гледам причина зошто, во оваа напредна технолошка ера, на секој од турнирите го немаме она што го имавме за време на турнирот во Синсинати – изјави Ѓоковиќ, пренесе „Ројтерс“.

Поради пандемијата на коронавурусот, како дел од протоколот за здравствена претпазливост на САД опен намален беше бројот на судиите, но поради земјената подлога на Ролан Гарос и некористењето на видеотехнологија, главната улога на францускиот турнир ја имаат линиските судии.
– Во моментов имаме толку напредна технологија, што нема апсолутно никаква потреба од линиски судии на теренот. Тоа е мое мислење. Се разбира, технологијата е скапа. Чувствувам дека се движиме во тој правец и порано или подоцна линиските судии нема да бидат на терените – вели Ѓоковиќ.