Оваа стратегија се базира на три столба: намалување на емисијата на гасови со ефект на стаклена градина, поддршка на проекти со позитивен придонес врз климата и мобилизација на засегнатите страни за да се зголеми долгорочното позитивно влијание
Одборот на директори на „Париз 2024“ ја одобри климатската стратегија, со која Париз 2024 се обврзува да ги организира првите олимписки (ЛОИ) и параолимписки игри (ПОИ) со позитивен придонес врз климата, пишува на интернет-страницата на Интернационалниот олимписки комитет (ИОК).
– „Париз 2024“ е пионер во испорака на нов модел на Игри, целосно усогласени со Олимписката агенда 2020. ИОК е особено возбуден кога гледа дека „Париз 2024“ има цел да организира климатски позитивни игри веќе во 2024 година, на овој начин поставувајќи го темпото за идните организатори – рече претседателот на ИОК, Томас Бах.
Како дел од стратегијата, „Париз 2024“ ќе ги намали своите емисии на јаглерод диоксид, во согласност со Парискиот договор за климатски промени, пишува ИОК. Стратегијата се базира на три столба: намалување на емисијата на гасови со ефект на стаклена градина, поддршка на проекти со позитивен придонес за климата и мобилизација на засегнатите страни за да се зголеми долгорочното позитивно влијание.
Примарна цел на „Париз 2024“ е намалување на емисијата на гасови со ефект на стаклена градина, поврзани со настанот, за 50 отсто во споредба со претходните изданија на Игрите. Како дел од својата стратегија за климата, „Париз 2024“ го разгледува најширокиот можен опсег на емисии, вклучувајќи го и превозот на гледачите од странство, и се залага за неутрализирање на сите емисии што не може да ги избегне. Ова ќе се направи со поддршка на проекти за избегнување јаглерод диоксид на сите пет континенти, како што се проекти за зачувување и обновување на шумите и океаните, проекти што избегнуваат негативни влијанија врз климата… „Париз 2024“ е посветен на обезбедувањето Игрите да послужат како платформа за забрзување на климатските активности на локално ниво и да споделат алатки и методологии за да ги водат сите засегнати страни во намалувањето на сопствените емисии на јаглерод диоксид, пишува, меѓу другото, на интернет-страницата на ИОК.