Годинешното гранпри на Катар на 21 ноември ќе биде ноќна трка, со осветлување
Катар ќе дебитира во календарот на Формула 1 со трка во ноември и потпиша 10-годишен договор за домаќин на гранпри-трки од 2023 година, објави „Би-би-си“. Катар ќе го пополни испразнетото место во распоредот за сезонава на 21 ноември, со трка на патеката позната по тоа што е домаќин на натпревари во Мото ГП. Годинешното гранпри на Катар ќе биде ноќна трка, со осветлување.
До крајот на сезонава има уште седум трки во тесниот натпревар за титулата помеѓу Луис Хамилтон и Макс Ферстапен. Разликата помеѓу нив е само два бода.
Според календарот за годинава следуваат трките во Турција на 10 октомври и во САД на 24 октомври. Во ноември се трките во Мексико, Бразил и во Катар, во последователни викенди почнувајќи од 7 ноември, а потоа се трките во Саудиска Арабија и во Абу Даби во првите два викенда во декември, пишува „Би-би-си“.