Претседателот на Токио 2020, Јоширо Мори, за време на состанокот на ИО минатиот викенд изјави дека за откажување на Игрите воопшто не било разговарано со ИОК
Членот на Извршниот одбор (ИО) на Летните олимписки игри (ЛОИ) 2020 во Токио, Харујуки Такахаши, изјави дека би било подобро да се размислува за евентуално ново одложување на веќе одложените Игри наместо за откажување, доколку ситуацијата со ковид-19 не се подобри, објави јапонскиот весник „Никан спорт“.
Јапонската влада и Интернационалниот олимписки комитет (ИОК) во март решија Игрите, кои требаше да започнат следниот месец, да ги одложат за 2021 година.
Претседателот на ИОК, Томас Бах, неодамна рече дека Игрите треба да бидат откажани доколку не е можно да се одржат следната година. Но Такахаши рече дека откажувањето би имало големи финансиски импликации.
– Јапонија и светската економија ќе бидат сериозно погодени – го цитира „Никан спорт“ Такахаши.
Претседателот на Токио 2020, Јоширо Мори, за време на состанокот на ИО минатиот викенд изјави дека за откажување на Игрите воопшто не било разговарано со ИОК.
Во 2022-та треба да се одржат Зимските олимписки игри (ЗОИ) во Пекинг и Светското првенство (СП) во фудбал, така што ново одложување на Игрите во Токио ќе предизвика нови, големи проблеми во календарот на натпревари.