Американската гимнастичка федерација, американскиот олимписки комитет и нивните осигурители се согласија да платат 380 милиони долари во рамки на спогодбата со жртвите на Лери Насар, поранешниот доктор на американскиот гимнастички тим кој со децении сексуално злоставувал гимнастичарки, пренесува „Си-ен-ен“. Судот ја одобри спогодбата со која се согласија сите засегнати страни. Таа е дел од планот за излез од банкрот на Американската гимнастичка федерација, која уште се справува со последиците од скандалот. Федерацијата се обврза и да преземе дополнителни чекори за безбедноста на спортистите, упатувајќи јавно извинување до жртвите.
Првичниот предлог за отштета од 425 милиони долари доставен во август беше изменет за до изнесува 380 милиони долари. Станува збор за втора милионска отштета за жртвите на Насар, откако универзитетот Мичиген стејт во 2018 година се согласи да плати 500 милиони за да ги подмири тужбите од 332 жртви на докторот кој беше вработен во високообразовната институција.
– Не сакам ниту еден друг млад гимнастичар, олимписки спортист, ниту кој било друг го искуси ужасот што јас и стотици други го претрпевме до денес. Го обвинувам Лери Насар, како и целиот систем кој му овозможи да го спроведе злоставувањето – кажа освојувачката на четири златни олимписки медали Симон Бајлс.
Насар отслужува 60-годишна затворска казна поради обвиненија поврзани со детска порнографија. Згора тој е осуден и на казна од 40 до 175 години откако се изјасни за виновен за обвиненијата за сексуално злоставување.
Во текот на судењето во 2018 година следочеа повеќе од 150 жени, вклучувајќи ги и златните медалистки во гимнастика, Али Рајсман и Мекејла Мароуни, кои пред судот кажаа дека Насар ги злоставувал.
Водечкиот адвокат од тимот што ги застапуваше жртвите, Џон Менли, ја поздрави историската спогодба, повикувајќи и на кривично гонење на вработените во Федералното истражно биро (ФБИ) кои наводно биле во заговор со Насар и претставници на американскиот олимписки комитет, додека ја спроведувале истрагата.
– Успеавме поради една едноставна причина, поради храброста и издржливоста на жртвите. Овие храбри жени јавно повторно го проживеаја злоставувањето, во безбројни интервјуа, за ниту едно дете веќе да не биде принудено да претрпи физичко, емотивно или сексуално злоставување во потрагата по нивните соништа – порача Менли.