Убеден сум дека ќе го добиеме домаќинството и на двете ЕП (за јуниорки во 2022 и за сениори во 2023 – н.з.), а со последните настапи и резултати на сениорската репрезентација Македонија заслужи организација на вакви натпреварувања, вели претседателот на ОФМ Перо Јовановски

Одбојкарската федерација на Македонија (ОФМ) на состанокот во седиштето на Европската одбојкарска конфедерација (ЦЕВ) во Луксембург и официјално поднесе апликација да биде домаќин на две европски првенства. Целосно да го организира Европско првенство (ЕП) за одбојкарки до 19 години во 2022 година, како и да биде домаќин на една од четирите групи на сениорското машко ЕП во 2023 година. Притоа во Луксембург, генералниот секретар на ОФМ, Зоран Карановиќ, оствари средба и со претседателот на ЦЕВ, Александар Боричиќ.

– Кандидатурата Македонија да биде домаќин и на двете европски првенства и официјално е предадена. Сериозни сме во нашата намерата, но и свесни што значи да се биде домаќин на такви масовни натпреварувања. Финансиска поддршка од државата добивме, па сега останува да го очекуваме резултатот од гласањето, а конечната одлуката треба да ја донесе Бордот на ЦЕВ во јануари в година – вели претседателот на ОФМ Перо Јовановски.

Конкуренцијата нема да биде мала, но првиот човек на македонската одбојка е оптимист дека Македонија ќе се најде на европската мапа како домаќин и на двете ЕП.
– Убеден сум дека ќе го добиеме домаќинството и за двете првенства, а со последните настапи на сениорската репрезентација и резултатите што ги оствари, Македонија заслужи организација на вакви големи натпреварувања. Организирањето на ЕП во четири држави се покажа како успешен проект пред сѐ заради омасовувањето и популаризацијата на одбојката, па се надевам дека така ќе биде и овој пат – вели Јовановски.

Според првиот човек на македонската одбојката, ЕП ќе бидат пред сѐ во насока на поголемо омасовување, популаризација и развој на овој спорт, но и создавање на потребниот квалитет.

– Според некои наши статистички показатели, одбојката како спорт е најмасовно изразен кај децата во школите, но ни недостига потребниот квалитет. А токму со едно вакво ЕП за јуниорки, периодот до него и преку корелација со школите и со клубовите и секако со темелна работа, да создадеме масовност од каде што ќе произлезат и идни квалитетни одбојкарки. Наше е да им создадеме услови и со квалитетен тренажен процес успешно да го искористиме полуциклусот што ни следува, што ќе претставува и шанса да почне периодот на формирање женска репрезентација – нагласува Јовановски.


Мечеви од ЕП во одбојка се играа во Скопје во 1975 година

Мечеви од Европското првенство во одбојка во 1975 година се играа во Скопје, и тоа натпреварите од групата А, во која настапија репрезентациите на СФР Југославија, Унгарија, Италија и на Полска (другите две групи од тоа ЕП се игра во Краљево и во Суботица, а финалниот дел во Белград). Од другите сениорски првенства во поголемите екипни спортови, во Македонија се одржа дел од Светското првенство во кошарка во 1970 година (група за пласман од осмото до 13-то место, во Скопје), Европското првенство за жени во ракомет во 2008 година, а такво ЕП ќе биде организирано и во 2022 година (заедно со Црна Гора и со Словенија).