Покрај многуте трофеи, Ричиев може да се пофали и со податокот дека под негов тренерски надзор поминале повеќе од 25 македонски репрезентативци
КИРЕ РИЧЛИЕВ, ТРОФЕЕН ТРЕНЕР НА СТРУМИЦА
Одбојкарите на Џио Струмица ја освоија титулата првак на Македонија осми пат во клупската историја, а на тоа се придодаде и седмиот трофеј во Купот на Македонија.
– Радосен сум поради новата титула и поради Купот, не беше лесно против Универзитет Тетово. Честитки до одбојкарите од кои дури деветмина во овој состав се репрезентативци на Македонија – вели трофејниот тренер Кире Ричлиев (54), кој има удел во сите титули на Струмица и кој има двојна круна и со Мабетекс од Косово, а една година беше тренер на италијанската екипа Волеј-ро од Рим.
Покрај трофеите, Ричиев може да се пофали и со податокот дека под негов тренерски надзор поминале многу македонски репрезентативци.
– Ми годи тоа што од Струмица излегоа голем број репрезентативци. Низ мојата одбојкарска школа поминале повеќе од 25 поранешни и сегашни репрезентативци, кои со успех ги бранеле боите на Македонија. Голем дел од нив доста успешно играа(т) и во странство, а одбојката им стана професија. Нема тајни околу тоа, сѐ е во работата, во упорноста и во желбата на одбојкарите да учат и да напредуваат. Одбојката е спорт за кој е потребна височина и затоа селекцијата е важна, а битно е и тоа што клубот секогаш големо внимание им посветуваше на младите категории – вели Ричиев.
На градско ниво, Ричлиев 15 пати бил прогласуван за најуспешен тренер. Како играч трипати бил прогласуван за најдобар спортист на Струмица, а го има добиено и највисокото општинско признание што се доделува за патронот на градот Струмица во областа на спортот.
– Цел живот сум со одбојката. Почнав на 11 години и уште многу млад, како талентиран играч, се најдов меѓу сениорите. Над 15 години бев во првиот состав на Струмица, од кои осум сезони одиграв и во Првата лига на тогашна Југославија. Бев дел и од првиот состав на македонската репрезентација, одигравме доста натпревари и на некој начин им го покажавме патот на следните генерации. Потоа бев тренер на репрезентацијата, истовремено и селектор на младинската репрезентација. Тренери ми беа Горѓи Нанов, Стефан Вета и Никола Донев, а краток период и Бугаринот, Тодор Пиперков. Од сите нив научив по нешто, сите имаат придонес во мојот одбојкарски и тренерски развој. По завршувањето на факултетот, ме назначија за професионален тренер на Струмица и оттогаш сум во клубот, со мали паузи. Си ја сакам професијата, ја работам со многу љубов и се трудам да им го пренесам моето знаење на сите што работат со мене – вели Ричлиев.
„Во иднина може да се очекува експанзија на одбојката и на клупско ниво“
Со ваучерот како помош за спортот, некои клубови го решија финансирањето и подобро се организираа. Одбојкарите редовно добиваат плата, екипите се засилуваат и со играчи однадвор, почна повеќе да се вложува во младите категории и во иднина може да се очекува експанзија на одбојката и на клупско ниво. За натамошниот развој на одбојката може да влијание и Федерацијата, која треба да им помага на клубовите за да се реорганизираат и да се финансираат во работењето со младите категории, вели Кире Ричлиев.