Експертите предвидуваат дека овој дуел од 14 партии ќе донесе многу повеќе возбудувања отколку само битка за шаховската круна

ШАХ – ПОЧНУВА МЕЧОТ ЗА СВЕТСКИ ПРВАК

Со првата од 14-те предвидени партии, денеска во Дубаи, ОАЕ, ќе започне мечот за светски првак во шах, меѓу фаворитот и актуелен шампион, Норвежанецот Магнус Карлсен (2.855 рејтинг-поени, прв во светот), и предизвикувачот, Русинот Јан Непомнијашчи (2.782, пети во светот). Експертите предвидуваат дека овој дуел ќе донесе многу повеќе возбудувања отколку само битка за шаховската круна. И двајцата шахисти имаат своја историја. Пред речиси 20 години, тие беа жестоки ривали на ЕП и СП во помладите категории. Јан освои три европски титули до 10 и две до 12 години. И во 2002 година, Јан и Магнус играле на ЕП и СП до 12 години, а Русинот триумфирал на вториот турнир по тајбрејкот. Белите фигури во првата партија ќе ги има Непомнијашчи.
– Белите фигури имаат предности и недостатоци. Можеби малку психолошки е полесно да се започне со бели, но нема значително да ги смени шансите. Во однос на досегашните предизвикувачи, Јан има малку поагресивен стил, побрзо игра и подобро го разбира концептот на одбрана на кралот. Тој што ќе освои најмногу поени во следните три недели ќе победи, а се надевам дека ќе бидам јас. Ако победам, веројатно ќе биде затоа што сум одиграл многу добри потези под притисок – со насмевка изјави Карлсен на пресот во Дубаи.
Духовити одговори имаше и од страна на Непомнијашчи.
– Единствено што би сакал е да не играм 14 партии со црни фигури, но се надевам дека правилата се строги, па ќе биде повеќе или помалку избалансирано. Чувството пред мечот е одлично, се подготвив за целиот циклус, па едвај чекам да започнеме – се пошегува и Непомнијашчи.
Карлсен ја освои светската круна со победата над Ананд во 2013-та и ја одбрани против истиот ривал во 2014-та, потоа и против Русинот Сергеј Карјакин во 2016-та и против Американецот Фабијано Каруана во 2018 година. Наградниот фонд за мечот за светската титула изнесува два милиони евра, победникот ќе заработи 60 отсто, а поразениот 40 отсто. По 17 години, повторно се предвидени 14 партии во трката за титулата.