Дресел на СП во Гванжу освои рекордни осум мундијалски медали, а на ЛОИ 2020 ќе се обиде да се израмни или да го надмине Фелпс, кој на ЛОИ 2008 се закити со осум олимписки злата
Светското првенство (СП) во пливање што неодамна се одржа во Гванжу не предизвика поголемо внимание, иако е едно од најголемите спортски натпреварувања годинава во светот. Но сосема е поинаку со пливањето, кога станува збор за пливањето како дел од летни олимписки игри (ЛОИ) на кои тој спорт, заедно со атлетиката, е еден од најинтересните и најгледаните.
Американскиот пливач Кејлеб Дресел (22) е релативно непознат, малкумина знаат како воопшто изгледа тој. Иако има неполна година до ЛОИ во Токио, предвидувањата се дека тој ќе успее да го стори речиси невозможното и да го урне рекордот на Мајкл Фелпс, кој во Пекинг 2008-та освои осум златни медали. Дека тоа не е научна фантастика говори податокот дека во Гванжу, Дресел стана првиот пливач што освоил осум медали (шест злата и две сребра) на едно СП со што го надмина Фелпс, кој на СП 2007 во Мелбурн, освои седум медали и тоа сите златни. Својата класа Дресел ја покажа и пред две години, на СП во Будимпешта, кога со освоените седум злата се израмни со Фелпс.
Засега сѐ уште не се знае во колку дисциплини ќе плива Дресел во Токио, но со вклучувањето на мешаната штафета на ЛОИ ќе има шанса да го надмине рекордот на Фелпс. Настапите на Дресел во Гванжу од својот дом во Аризона ги следеше и Фелпс. Тој за „Асошиејтед прес“ изјави дека Дресел треба да плива совршено доколку сака да освои седум или осум злата во Токио.
– Ќе биде многу тешко, ќе треба многу напорно да тренира, неговото тело ќе мора да истрпи многу болка, ќе видиме што ќе се случи. Тој има брзина. Во овој момент треба да ја подобри само издржливоста – изјави Фелпс по телефон.
Дресел (22), кој студира на универзитетот „Флорида“, го чувствува влијанието на пензионираниот славен претходник. Тој добро знае оти Фелпс има 28 олимписки медали (23 златни). Слично на Фелпс, и Дресел е најголемиот критичар на себеси. Тој ги анализира сите трки, без разлика дали освоил злато, соборил светски рекорд или станува збор за нешто помалку вредно.
– Секогаш ги барам лошите работи за потоа да ги исправам и да напредувам. Знам што ми треба и на што ќе треба да поработам за следната година, дури и на помалите натпреварувања. Од секој настап може да се научи нешто – вели Дресел, кој е специјалист во спринтерските дисциплини (слободен стил, пеперутка и градно).