Македонската репрезентација која настапи во Клуж (од лево): Влакевски, Трпковска, Гаврилова, Бенедик и Димитровски

Македонскиот кугларски репрезентативец Бојан Влакевски, не успеа во борбата за еден од медалите на Светското поединечно првенство (СП) во Клуж, Романија, откако во четврт-финалето загуби од Германецот Мануел Вајс со 638-659 соборени кегли. Резултатот од 638 кегли, всушност беше и негов најслаб во четири настапи во Клуж.

Пласманот меѓу осумте најдобри на светот е голем успех за Влакевски, посебно ако се знае фактот дека македонските куглари и кугларки, веќе неколку години наназад не се дел од светските првенства.

– Реално гледано, задоволен сум од настапот и играта прикажана низ целото првенство, како и од пласманот меѓу првите осумина. Бев во одлична форма, ама реално не очекував нешто спектакуларно. Знаев дека ќе треба во секое излегување на патеките да го давам својот максимум и бев подготвен за тешки натпревари. Имав реални шанси да стигнам до полуфиналето, но физичката подготвеност можеби се покажа и главен фактор за тој несреќен пораз против Германецот Вајс. Иако немав среќа во лошите отвори во решавачкиот четврт-финален сет, сепак вината ја барам кај мене, а не во факторот среќа – самокритичен е Влакевски, кои моментно ги брани боите на хрватскиот клуб Медвешчак.

На СП во Клуж, боите на Македонија, покрај Влакевски, уште ги бранеа Тања Трпковска, Биљана Гаврилова, натурализираниот Македонец со словенечки пасош и поранешен светски првак Борис Бенедик и Димитар Димитровски, но тие не успеаја да остварат позабележителни резултати.

Г.И.