Не знаеме како ќе изгледа светот утре, а како би можеле да очекувате да знаеме како ќе изгледа по 316 дена? Рано е да се даде конкретен одговор за тоа кое ќе биде конечното сценарио. Според нашите информации и контактот што го имаме со експерти и од она што го гледаме на пазарот, ќе видиме голем напредок во однос на брзото тестирање на пример, што може многу да го олесни планирањето на сценариото на Игрите, вели претседателот на ИОК
Прерано е да се утврди крајниот рок за тоа како ќе се организираат одложените Летни олимписки игри (ЛОИ) во Токио идната година. Навистина не знаеме каде ќе се наоѓаме во средината на идната година, па затоа рано е да се одреди крајниот рок, вели претседателот на Интернационалниот олимписки комитет (ИОК), Томас Бах, по состанок на Извршниот одбор на ИОК, додавајќи дека развојот на настаните за брзо тестирање на ковид-19 и вакцините во голема мера ќе ги олеснат Игрите што претстојат, пишува агенцијата АФП, а пренесе „Франс 24“.
Игрите годинава беа одложени поради пандемијата на коронавирусот и засега се планира да бидат отворени на 23 јули 2021 година.
– Ние не знаеме како ќе изгледа светот утре, а како би можеле да очекувате да знаеме како ќе изгледа по 316 дена? Наредните недели ќе имаме интензивни дискусии во врска со мерките за ковид-19. Генерално, ние, се разбира, ќе продолжиме да го следиме принципот што ги водеше сите наши досегашни одлуки во однос на ЛОИ, а тоа значи да ги организираме Игрите во безбедна средина за сите вклучени лица идното лето – вели Бах.
Работната група на ИОК се подготвува за мноштво различни сценарија.
– Тоа не е лесно, но, секако, се разгледува физичкото дистанцирање.
Многу внимателно следиме и што се случува со развојот на брзото тестирање и на вакцините, оти ова, исто така, потоа може да ги олесни подготовките. Рано е да се даде конкретен одговор за тоа кое ќе биде конечното сценарио. Според нашите информации и контактот што го имаме со експерти од Светската здравствена организација, со фармацевтски компании и од она што го гледаме на пазарот, ќе видиме голем напредок во однос на брзото тестирање на пример, што може многу да го олесни планирањето на сценариото на Игрите – вели Бах.
Тој вели дека работната група внимателно ги следи големите спортски настани во светот за да испита како се организирани.