Под мотото „Спортот како национален идентитет и визија за иднината“, денеска во Скопје беше отворен Регионалниот спортски самит „Скопје 2025“, што се одржува под покровителство на Министерството за спорт.
-Овој самит не е само формален настан, туку платформа за заеднички визии, размена на искуства и градење нови партнерства. Верувам дека преку регионална соработка и поддршка од институциите, спортот ќе биде двигател на здраво, современо и просперитетно општество – порача министерот за спорт Борко Ристовски во воведното обраќање.

На свеченото отворање поздравно обраќање имаше вицепремиерот во Владата и министер за транспорт и врски, Александар Николоски, кој ја истакна важноста на спортот како двигател на општествените и економските процеси. Тој најави уште поголеми инвестиции во спортската инфраструктура во целата наша држава.
-Како Влада сме сериозно посветени на спортот. Тоа што можеме ние да го направиме е да помогнеме да се развива инфраструктурата и да се даде шанса на сите кои сакаат да спортуваат. Воведовме една амбициозна програма за поддршка на локалната самоуправа во која сериозни средства се наменети за спортот. Преку Министерството за спорт инвестираме и речиси нема место каде што не носиме спортска инфраструктура и на тој начин овозможуваме младите да практикуваат спорт – рече Николоски.
Николоски најави нови законски измени за финансиски олеснувања при инвестирање во спортот.
Присутните беа посебно инспирирани од мотивациската приказна на легендата на македонскиот фудбал, Горан Пандев, кој ја сподели својата лична спортска патека и ја нагласи улогата на спортот во градењето карактер и заедништво.