Шампионот Вардар го совлада Металург со 32-31 во неизвесниот дерби-меч од 5. коло од плејофот во ракометната Суперлига. Во натпревар во кој двата тима неколкупати се менуваа во водство, вардарци успеаја да стигнат до бодовите по голема борба.
Првото полувреме почна со меѓусебна размена на голови, а Металург своето прво водство го забележа при резултат 4-3. Вардар го засили темпото и направи серија од 4-0, за прво повисоко водство од 7-4. Но, тоа не ги збуни ракометарите од Автокоманда, кои вратија со своја серија од 3-0, за 7-7. Финишот на првото полувреме мина комплетно во знакот на Металург, кој замина на полувреме со водство од 18-15.
Вториот дел мина во жестока борба. Десетина минути Металург успеваше да го одржи водството, а потоа Вардар направи комплетен резултатски пресврт и поведе со 25-22. Металург со пожртвувана игра повторно го врати водството, на 28-26 и на 31-30 но не успеа да го задржи во последните две минути. Последните два гола ги постигна Вардар и успеа минимално да слави. Металург го имаше последниот напад, но во неколкуте преостанати секунди Бојан Маџовски упати удар од тешка позиција што заврши во надворешниот дел од мрежата.
Најефикасен кај Вардар беше Русинот Димитри Кисељев со осум гола, колку што постигна и Мице Шилегов за Металург.