РАКОМЕТ – СУПЕРГЛОБ 2021

На еден месец до почетокот на 14-то издание на Светското клупско првенство, Суперглоб 2021, Светската ракометна федерација (ИХФ) потврди девет од десетте учеснички на еден од најсилните ракометни турнири во светот. Поради пандемијата на коронавирусот, минатата сезона турнирот не се одигра, а годинава десет тима од девет земји во светот од 5 до 9 октомври во Саудиска Арабија ќе играат за престижниот трофеј.

Улогата на бранител на титулата освоена во 2019 година ќе ја има актуелниот европски првак Барселона, која е и најтрофејна (титули во 2013, 2014, 2017, 2018 и во 2019 година). Место на турнирот доби и финалистот од Лигата на шампионите, Алборг, кој е втор скандинавски тим што ќе игра на Суперглоб, по Драмен (на првото издание во 1997 година). Годинава за светската титула ќе игра и победникот во првата сезона на Лигата на Европа, Магдебург, за кој ова ќе биде втор настап (првпат во 2002 година).