РАКОМЕТ – БУНДЕС-ЛИГА
Чехот Филип Јиха верува во тимот што втора сезона под негово водство ја освојува Бундес-лигата, па германскиот првак Кил е единствениот во таа земја што во пресрет на новата натпреварувачка сезона, која почнува на 8 септември, не ги засили своите редови со нови ракометни имиња. Преостанатите 17 клуба што ќе бидат дел од најсилната германска лига ангажираа дури 56 нови играчи.
Најрасположен за пазарење во пресрет на новата сезона беше повратникот во бундеслигашката конкуренција, Хамбург, кој своите редови ги засили со шест нови ракометари, меѓу кои левото крило на Барселона Каспер Мортенсен, потоа Мануел Спет (Порто), Николај Тејлингер (Гепинген), Фредерик Бо Андерсен (ГОГ), Азат Валиулин (Лудвигсхафен) и голманот на Штутгарт, Јоханес Битер.
Со ангажман на пет нови имиња, раководството на Минден најави дека не сака да игра споредна улога во бундеслигашката конкуренција. Со по четири новаци своите редови ги освежија вицепрвакот Фленсбург, Левен, Магдебург, Лајпциг и повратникот Либек, по три засилувања донесоа Мелсунген, Вецлар, Гепинген, Штутгарт, Ерланген и Балинген, по двајца нови ракометари ангажираа Бергишер, Хановер и Лемго, а Фуксе Берлин има само еден нов ракометар.