Таканаречениот брз центар ќе биде уште побрз, се планира нападот да почнува во радиус од 3,5 до 4,5 метри од центарот, а се предлага намалување за две додавања по сигнализацијата за пасивна игра, па, така, наместо досегашните шест, ќе бидат дозволени четири додавања пред да се упати удар кон голот

РАКОМЕТ – ИХФ ТЕСТИРА ТРИ НОВИ ПРАВИЛА

Судиската организација на Ракометната федерација на Шведска побара да биде вклучена во тестирањето на правилата што Светската ракометна федерација (ИХФ) најави дека ќе ги воведе во сезоната 2022/2023. За нив приоритетно е правилото за заштита на голманот, односно секој шут во главата на голманот автоматски да носи две минути исклучување, со исклучок на ситуации кога врз играчот е направен прекршок, односно ако тој не е во рамнотежа поради удар од дефанзивците.
Иницијативата на Шведска за тестирање на новонајавените правила дојде откако неколку голмани во домашното првенство морале предвреме да ја завршат сезоната поради потрес на мозокот, по добиените удари во глава со топка.

– За една година правилото ќе важи во целиот свет, но имавме толку многу проблеми со потрес на мозокот во Шведска што сакаме да го воведеме правилото веќе сега – вели генералниот секретар на Ракометната федерација на Шведска, Роберт Ведберг.
Другите две промени се однесуваат на т.н. брз центар и на пасивната игра. Брзиот центар ќе биде уште побрз, затоа што ќе биде дозволено нападот да почне во радиус од 3,5 до 4,5 метри од центарот, а исто така се предлага намалување за две додавања по сигнализацијата за пасивна игра, па, така, наместо досегашните шест, ќе бидат дозволени само четири додавања пред да се упати удар кон голот. Освен во Шведска, трите правила што ИХФ планира да ги имплементира ќе бидат тестирани уште во десетина земји во светот.
– Ќе се обидеме дополнително да ги заштитиме голманите. Работиме на подготовка на правилото и ќе го објавиме во целост до крајот од летото – стои во соопштението на Судиската организација во Шведска.