Во анализата пред почетокот на сезонава, викендов како втор фаворит е посочен Левен на Талески, а трет е ПСЖ на македонскиот селектор Гонзалес
Во пресрет на новата сезона во Лигата на шампионите (ЛШ), Европската ракометна федерација (ЕХФ) излезе со своја фаворитска листа, од следењето на резултатите на екипите во текот на подготвителниот период, но и од составите со кои располагаат. Според експертите од ЕХФ, најголеми шанси за титулата во елитното натпреварување во овој момент има актуелниот шампион Монпелје, втор е Левен на Филип Талески, а на третата позиција е ѕвездениот тим на ПСЖ, кој сезонава ќе го предводи македонскиот селектор Раул Гонзалес.
Реконструираниот, играчки и тренерски, македонски шампион Вардар, сезонава го нема меѓу десетте најдобро рангирани екипи. Во првата десетка на ЕХФ се Фленсбург, Барселона, Мешков, Нант на Кирил Лазаров, Сегед, Веспрем на Дејан Манасков и полскиот првак Киелце.
Покрај фаворитската листа за освојување на титулата, ЕХФ направи и листа за тоа кој од учесниците во ЛШ сезонава има најдобар тим, т.е. кој тим е најдобро покриен позициски. Според ЕХФ, Гонзалес сезонава ја има најдолгата клупа, односно најширокиот и најквалитетен состав по позиции, но ги има и најдобрите дефанзивци на располагање. Хенрик Тофт Хансен, Виран Мороз и Ким Егдал ди Риц ќе бидат бедемот пред голот на искусните Тиери Омејер и Родриго Коралес. Втор на листата според квалитетот на клупата е шпанскиот гигант Барселона, трет е Веспрем, на четвртата позиција е Левен, а петти е Сегед.