По осум натпреварувачки месеци и 196 одиграни меча, Европската ракометна федерација (ЕХФ) ги објави имињата на играчите и тренерите што со својата игра и стратегија оставија најголем печат на сезоната, номинирајќи ги во изборот за тим на сезоната 2018/2019 во Лигата на шампиони (ЛШ). Тимур Дибиров, Даинис Кристопанс, Иван Чупиќ и Дејан Милосављев се четворицата вардарци што заедно со тренерот Роберто Гарсија Парондо се најдоа на пет од десетте номинирани листи на ЕХФ. Унгарскиот вицепрвак Веспрем во конкуренција има шест играчи, додека, пак, Барселона и Сегед конкурираат со по пет ракометари и тренер.
За изборот на идеалниот тим на сезоната во ЛШ, љубителите и познавачите на ракометот ќе може да гласаат онлајн на линковите објавени на официјалната фејсбук-страница ЕХФ-Велукс Лига на шампиони, до 29 мај.
На позицијата лево крило, конкуренти на Дибиров му се Уве Генсхајмер (ПСЖ), Валеро Ривера (Нант), Мануел Штрлек (Веспрем) и Стефан Сигмусон (Сегед). На левата бековска позиција Микел Хансен (ПСЖ), Расмус Лауге (Флензбург), Нико Ронберг (Кокс), Роман Лагард (Нант) и Ричард Бодо (Сегед). За најдобар организатор на играта конкурираат Анди Шмид (Левен), Сандер Сагосен (ПСЖ), Барус Пуховски (Мотор), Царлос Руезга (Спортинг) и Кентин Мае (Веспрем). За десната бековска позиција, покрај Кристопанс, место добија и Алекс Душебаев (Киелце), Дика Мем (Барселона), Недим Ремили (ПСЖ) и Ласло Наѓ (Веспрем), додека, пак, конкуренти на Чупиќ на десната крилна позиција се Блаж Јанц (Киелце), Алекс Гомез (Барселона), Златко Хорват (Загреб) и Дарко Ѓукиќ (Мешков Брест). На линијата од шест метри тоа се Јаник Колбахар (Левен), Банхиди Бенче (Сегед), Николас Турант (Нант), Јулен Агинагалде (Киелце) и Андреас Нилсон (Веспрем). За позицијата голман, покрај Милосављев, се и Арпад Штербик (Веспрем), Бенјамин Буриќ (Флензбург), Марин Шего (Сегед) и Гонзало Варгас (Барселона).
Во конкуренција на дефанзивци, битка ќе водат Тобијас Карлсон (Флензбург), Блаж Благотиншек (Веспрем), Хорхе Македа (Сегед), Тиагус Петрус (Барселона) и Рок Фелихо (Нант), додека за најдобар млад ракометар влегоа Мелвин Ричардсон (Монпелје), Лудовик Фабрегаз (Барселона), Валтер Кринтз (Кристијанстад), Јоханес Гола (Флензбург) и Артем Каралек (Киелце).
За предводник на најдобриот тим конкурираат Хуан Карлос Пастор од (Сегед), Раул Гонзалес (ПСЖ), Чави Пасквал (Барселона), Роберто Парондо (Вардар) и Маик Машула (Флензбург).