Гордана Нацева и нејзините другарки, по десетгодишна заедничка работа и секојдневни тренинзи, во 2002 година се искачија на европскиот Олимп. Во дебито на Светското првенство, во Германија во 1997 година, Македонија беше седма, а Индира Кастратовиќ беше прв стрелец, со 71 гол

ОД РЕПОРТЕРСКИОТ БЕЛЕЖНИК НА ЗОРАН МИХАЈЛОВ: СЕРИЈАЛ ЗА ВЕЛИКАНИТЕ НА МАКЕДОНСКИОТ СПОРТ (186) /  Гордана Нацева (2)

По распадот на поранешна Југославија, спортистите се собраа во своите новоформирани држави, па, така, се распаднаа и силните југословенски репрезентации во екипните спортови. Ова беше еден тежок транзициски период, во кој едноставно секој се снаоѓаше како знае и умее. Гордана Нацева, која со 17 години замина од Свети Николе во Ниш, да ги брани боите на ДИН, донесува една исправна одлука и по двете разочарувања со неучеството на Светското младинско првенство и Олимпијадата во Барселона, во 1992 година се враќа во Македонија. Таа стана членка на Ѓорче Петров, кој уште тогаш негуваше надежи за високи дострели.
– Во почетокот ми беше малку чудно, дури и неверојатно кога во разговорите со пријателите, Вања Бојков, кој беше главен носител на активностите на клубот од Ѓорче, ќе речеше дека посакува да направи европски клуб. Јас, знаејќи ги ситуациите во женскиот ракомет, а и организацијата на клубовите од поранешните југословенски простори, сомничаво вртев со главата и сето тоа што го велеше тој ми беше некако нереално. Но гледајќи со каков ентузијазам работат луѓето што беа вклучени во РК Ѓорче Петров, со време и кај мене како да се вратија оптимизмот и вербата дека може да се успее – вели Нацева.

СО СИЛЕН СПОНЗОР ИМА И РЕЗУЛТАТИ

Во првите две години по осамостојувањето на Македонија, ЖРК Ѓорче Петров, како најсилен клуб во државата, беше привлечен и за странските ракометарки. Особена желба да дојдат во Скопје пројавуваа ракометарките од поранешните простори на СССР. Меѓу нив имаше квалитетни ракометарки, за чиј избор се грижеше тренерот Владимир Радиќ, кој беше длабоко навлезен во женскиот ракомет. Покрај тоа, тој беше професор по физичко воспитување, па и од тој аспект како педагог беше подготвен да ги насочи своите избранички на вистинскиот пат.
– Веќе и кај мене немаше дилема дека може да напредуваме и да се справиме со екипите од другите земји. Тоа најубаво се виде во 1994 година, кога во КЕШ во Скопје го совладавме осумкратниот европски шампион Хипо од Виена. Таа победа над Хипо донесе голема радост не само за нас ракометарките туку и за целокупната македонска јавност. Овој триумф беше мамка да добиеме и силен спонзор. Имено, загреан од овој резултат, сопственикот на Кометал, Трифун Костовски, чие седиште беше во Виена, донесува одлука во договор со Бојков, кој му беше долгогодишен другар и пријател, да го преземе и спонзорира клубот. Нему ова му беше многу битно, да го земе клубот токму во моментот кога беше совладана екипата на Хипо, со која следуваше и реванш во Виена. И токму тогаш, кога отидовме на тој реванш-натпревар, во кој според очекувањата загубивме, зашто се работеше за исклучително силен противник, ние во Кометал и во Трифун Костовски го добивме нашиот спонзор, кој во следните години максимално му се посвети на ракометот и клубот почна да настапува со новото име Кометал Ѓорче Петров. Задоволството од оваа зделка беше заемно и од тие моменти, во 1994 година, нашите погледи беа свртени кон она што го посакуваше сета спортска јавност – еден ден да се искачиме на највисокото место во КЕШ (Шампионската лига) -вели Гордана.

Во сезоната 1996/1997, откако видоа дека се работи за сериозен клуб, во Кометал дојдоа неколку ракометарки од Русија и од Украина.
– Нивното доаѓање многу го крена квалитетот на целата екипа. Бевме многу посигурни и почнавме да победуваме екипи со висок рејтинг. Во следните години само Радиќ остануваше како дел од стручниот штаб, додека тренерите се менуваа и, што е битно, секој носеше нешто ново, што за нас беше од голема корист. Така, низ екипата минаа Александар Панов, Касим Каменица, Јошко Петковиќ, сите тие познати имиња во ракометот. Тоа беа последните години од минатиот и првите години од овој век, кога победувавме многу силни екипи, како Ларвик и Валенсија. Салата во Кале беше нашиот дом, која прерасна во вистински ракометен храм – продолжува Нацева.
Во првото финале во 2000 година бевме поразени, но поради инцидент добивме и суспензија од ЕХФ од една година забрана за настап на меѓународната сцена. Потоа „кометалки“ се вратија на победите, а во Скопје паѓаа речиси сите ривалки. Најголема мака нашите шампионки имаа со Ларвик, беа поразени со седум гола разлика во првото полуфинале, па таа разлика во Скопје требаше да се анулира.
– Во тоа успеавме благодарение на тактиката на тренерот Панов. Тој пресмета дека ако во првото полувреме оствариме разлика од 3-4 гола, ќе дојдеме и до победата. И навистина беше така, неговата прогноза се оствари и ние на радост на цела Македонија се пласиравме во финалето. Во него, пак, во Скопје, во реванш-натпреварот го победивме Херц Ференцварош од Унгарија. Тоа значеше титула за нас, за Кометал, за Македонија, за македонскиот спорт.

Какво славје беше тоа, мислам дека тие моменти од првиот миг, кога влеговме во салата, која беше преполна и тешко се дишеше, па до завршницата на мечот се нешто незаборавно. Гледачите нѐ понесоа како на крилја, просто летавме по теренот и заслужено дојдовме до она за што мечтаевме – европската титула. Бевме пресреќни, а од лицата на Индира, Вале, Лариса, Марина, Андрушенко, Наталија, Велкова и другите зрачеше неизмерна радост. Во салата настана делириум, а нешто слично се случи и на плоштадот кога се искачивме на бината. Бевме пречекани со овации, а на видеобимот постојано се вртеа нашите ликови. Тоа беше нешто прекрасно, ретко видено и доживеано. Се чувствувавме како вистински хероини – се сеќава Нацева.

СО МАКЕДОНИЈА Ѝ СЕ ИСПОЛНИ ДАМНЕШНИОТ СОН

Она што не ѝ успеа во поранешната држава, кога неоправдано беше изоставена од младинската репрезентација за СП во Нигерија, и загубената шанса да учествува на Олимпијадата во Барселона, на Гордана Нацева ѝ се оствари со репрезентацијата на Македонија.
– Јас знаев како изгледаат клупските дуели од европските купови, но немав шанса да ја почувствувам убавината со репрезентацијата да настапам на некој голем настан. Сонот, сепак, ми се исполни со нашата македонска сениорска репрезентација, кога првпат, предводени од Богдан Маковеј и од Владимир Радиќ, настапивме на едно Светско првенство. Тоа се случи во 1997 година, на СП во Германија. Таму заминавме како апсолутни аутсајдерки, а на крајот завршивме на седмото место. Со малку среќа можевме да стигнеме и до полуфиналето. Колку бевме силни и мотивирани за овој настап најубаво говори фактот што Индира Кастратовиќ беше најдобриот стрелец, со 71 постигнат гол. Ова сите го доживеавме како наш заеднички успех, а кога го запеавме „Македонско девојче“, а потоа и заигравме на теренот, срцата ни беа исполнети со радост, бевме горди на она што го прикажавме во Германија. А, рака на срце, и покрај аутсајдерската улога што ја имавме, би рекла направивме сензација. Во шесте натпревари што ги одигравме имавме три победи, против Словенија, Кина и против Данска, едно реми со Чешка и два пораза, од Русија и во четврт-финалето од Германија – вели Гордана Нацева.

Македонија настапи и на СП 1999 во Данска и во Норвешка.
– Таму, исто така, имавме добар настап и на крајот бевме осми. Во групата ги победивме Јапонија, Аргентина (рекордна победа 33-10) и Ангола, во осминафиналето бевме подобри од Ј. Кореја, а во четврт-финалето загубивме од Романија – вели таа.
Нацева настапи со репрезентацијата и на ЕП 2000 во Романија. И таму Македонија, која беше водена од Лефтер Бошковски, се прикажа во убаво светло и на крајот беше осма. Во борба за седмото место бевме поразени од СР Југославија, со 38-39. Претходно ја победивме Данска, ремизиравме со Романија и со Русија, а загубивме од Украина и од Норвешка.
– Можевме да се пласираме и подобро, но некогаш треба да се има и среќа, особено во оние две средби што завршија без победник – рече Нацева.
Нема сомнение дека Гордана Нацева е наша вистинска легенда, која обележи еден прекрасен период, во кој македонскиот женски ракомет како метеор се вивна во светските височини. Затоа Нацева оправдано го доби епитетот ракометарка на векот во Македонија.