Вистинско задоволство е да се гледаат овие наши деца како се борат за секоја топка, за секој гол, нешто што ни дава мотив уште посигурно и постабилно да газиме низ предизвиците и одговорностите, бидејќи нашата академија е гордоста на Металург, темелот на нашата иднина, изјави директорот на академијата Металург, Марјан Велевски, по седмото издание на турнирот на кој настапија повеќе од 200 дечиња од школите од Скопје, Кичево, Кавадарци, Крива Паланка и од Куманово.
Смеа, радост, дружба и забава викендов одекнуваа од салата на Металург во Автокоманда во Скопје, во која најмладите фиданки на Ракометната академија Металург беа дел од седмото издание на традиционалниот Новогодишен турнир, на кој настапија повеќе од 200 дечиња од школите од Скопје, Кичево, Кавадарци, Крива Паланка и од Куманово.
– Вистинско задоволство е да се гледаат овие наши деца, повеќето целосни почетници, како се борат за секоја топка, за секој гол, нешто што ни дава мотив уште посигурно и постабилно да газиме низ предизвиците и одговорностите, бидејќи нашата академија е гордоста на Металург, темелот на нашата иднина. Среќни сме што се собравме во олку голем број и што со игра, дружба, забава и со подароци на најдобар можен начин ја завршуваме годината, со желба и надеж дека в година ќе нѐ има во уште поголем број. Децата уживаа на теренот, а ние од трибините, заедно со нивните најблиски, се гордеевме што во нашата ракометна градина имаме вакви цветови од кои ќе продолжат да растат и да се развиваат нови големи имиња, кои ќе бидат гордост на Металург и на националните селекции на Македонија – изјави директорот на академијата Металург, Марјан Велевски.
На седмото издание на турнирот настапија 21 екипа, поделени во три возрасни категории (2006/2007, 2008/2009 и 2010 и помали), кои одиграа 20 натпревари. Најборбено беше кај највозрасните, од генерацијата 2006/2007 каде што се одиграа вистински ракометни партии и можеа да се видат кандидатите за идните селекции пионери и пионерки на Металург.
Првото место го освои екипата на Тиквеш од Кавадарци на тренерот Кире Василев, на второ место се пласира машко-женската екипа Кемпа од школата од Ново Лисиче на тренерката Тања Димитриоска, а како третопласирана заврши екипата од Крива Паланка на тренерите Оливер Златковски и Горан Цоневски.
Во помладите категории, каде што се играше мини-ракомет, повеќето од децата беа целосни почетници, па борбата за резултат и за пласман беа во втор план, на сметка на дружбата, забавата и новогодишните подароци, кои ги обезбедија пријателите на Металург, „Витаминка“ од Прилеп, „Магрони“ со сокчињата и ладните чаеви „џуси“, здравите слатки задоволства на „Виталија“, „Македонија осигурување“ и првиот македонски дневен весник „Нова Македонија“.
Во генерацијата 2008/2009 кај момчињата на првите две места заврши екипата Тиквеш од Кавадарци, а третото место им припадна на момчињата од Виталија од школата во Ново Лисиче. Кај девојчињата, пак, во двобојот помеѓу Хандбал старс од Кичево и Ревита од Ново Лисиче, поуспешни беа гостите од Кичево.
Во најмладата возрасна категорија, 2010, се натпреваруваа четири екипи, по две машки и женски. Кај момчињата првото место го освои екипата на Стоби флипс од Ново Лисиче, а второпласирани завршија момчињата од Кожувчанка од школата во Кисела Вода. Во дуелот меѓу девојчињата од Крива Паланка и на Колибри од Ново Лисиче победници беа гостите од Крива Паланка.