Денеска и утре Македонија треба да одигра два тест-меча како подготовка за настап на Светското првенство од идниот петок во Германија и во Данска
Македонската ракометна репрезентација ја одработува завршната фаза од подготовките за настап на Светското првенство (СП) што идната недела треба за почне во Германија и во Данска. Мечевите со селекцијата на Србија ќе бидат завршните тестови за подмладениот состав, кој ќе ги брани боите на Македонија на 26-от ракометен Мундијал. Првиот натпревар, кој е од отворен карактер, се игра денеска во спортскиот центар „Борис Трајковски“ во Скопје (од 20 часот, пренос на Телма), а утрешниот меч ќе биде од затворен карактер (исто така, во СЦ „Борис Трајковски“).
– Двата меча со Србија ќе дадат одговор на дилемите што ги имам околу можностите и капацитетот на нашиот состав. Сите 20 ракометари што ги имам на располагање ќе добијат шанса на овие дуели. Ќе пробуваме различни комбинации за да видиме до каде сме. Засега сѐ функционира добро, тренираме напорно, но уште немам конкретна слика за сите имиња со кои ќе патуваме за Германија – изјави селекторот Раул Гонзалес.
Македонија на СП ќе биде дел од групата Б заедно со селекциите на актуелниот европски првак Шпанија, потоа Хрватска, Исланд, Јапонија и Бахреин. Репрезентативците до вторник ќе тренираат во Скопје, а првиот меч со селекцијата на Јапонија е предвиден за идниот петок (11 јануари) во 15 часот (пренос на МТВ). Во 2-то коло противник на Македонија ќе ѝ биде селекцијата на Бахреин (13 јануари, 14 ч.), следуваат Хрватска (14 јануари, 18 ч.), Шпанија (16 јануари, 20.30 ч.) и Исланд (17 јануари, 18 ч.).
Пласман во следна рунда обезбедуваат трите најдобропласирани селекции од секоја од групите. Најдобрите четири репрезентации од двете групи продолжуваат во полуфиналето, а другите разигруваат за пласман.
Македонија веќе неколку години е без пораз во тест-меч
Во пресрет на големите натпреварувања македонските репрезентативци генерално играле тест-средби со селекциите од регионот и позитивно е што во тие тестови немаат негативен скор последниве години. Во минатата година во пресрет на ЕП во Хрватска спарингуваа со Србија (победа со 32-29), а одиграа и контролен натпревари со Саудиска Арабија (37-21). Во пресрет на СП 2017 противник беше селекцијата на БиХ со која одиграа дури три пријателски натпревари, кои завршија во корист на Македонија (во официјалните 28-24, 32-30, третиот беше од затворен тип). Во пресрет на ЕП 2016 Македонија двапати ремизира со Словенија (28-28, 23-23). Та.Д.
„Со нов дрес во нови победи“
Ракометната федерација на Македонија (РФМ), во соработка со брендот „Хумел“ и „Д-спортска опрема“, вчера го промовираа новиот дрес што ќе го носат македонските ракометари на претстојното Светско првенство (СП), под мотото „Со нов дрес во нови победи“.
– Се надевам дека со новите дресови ќе оствариме нови големи успеси и победи, со кои ќе ја израдуваме македонската ракометна нација – изјави капитенот Кирил Лазаров на промоцијата на новиот дрес. Та.Д.