Фото: Маја Јаневска-Илиева

Со мечот утре, во Битола, со Турција македонската ракометна репрезентација го почнува патот кон шестиот пласман на ЕП, овој пат на историското прво со три домаќини и прво со 24 селекции (досега играа по 16)

Македонската машка ракометна репрезентација со проверени сили предводена од селекторот Раул Гонзалес, утре ќе ги почне квалификациите за пласман на Европското првенство (ЕП) во 2020 година, што првпат ќе се одржи во три држави, Шведска, Австрија и Норвешка и првпат со вкупно 24 селекции (досега 16). На патот кон шестиот настап на ЕП, Македонија ќе ги одмери силите со Турција, Грција и со стариот познајник Исланд.

Утре во Битола е првиот меч со Турција, а в недела, црвено-жолтите ќе ѝ гостуваат на Грција. Тоа се две репрезентации, кои не се меѓу 27-те селекции што досега настапиле на ЕП. Македонија е голем фаворит и во двата меча. Со Исланд првиот меч е закажан за 10 април в година, на гости.

– Фаворити сме. Меч во кој, покрај тоа што ќе даде една слика каде сме ние како репрезентација во моментов, очекувам и помладите играчи да добијат поголема минутажа на теренот. Ни претстои уште да погледнеме неколку видеоматеријали со нивната игра и добро да ги анализираме. Очекувам и одлична атмосфера во Битола, која сигурно е желна за репрезентативен ракомет. Со сериозен и дисциплиниран пристап уште од самиот почеток, очекувам да забележиме лесна победа, која ќе биде поголема од најмалку три гола разлика. Во добра форма сум – вели Гоце Георгиевски, десното крило на романски Букурешт.

Селекциите на Македонија и на Турција досега трипати ги одмериле силите во квалификациски натпревари. Првиот пат во 2006 година, во квалификациите за ЕП, жолто-црвените двапати беа поуспешни, во Анкара со 36-22, а во Скопје со 37-31. Македонија победи и вториот пат, во квалификациите за СП 2011, кога во турскиот град Адана, Македонија славеше со убедливи 35-26. Во трите дуели, Македонија постигна вкупно 108, а прими 90 гола. Од тој последен меч во Адана пред седум години, во сегaшнaта репрезентацијата на Македонија се Кирил и Филип Лазарови, Стојанче Стоилов, Велко Маркоски и голманите Борко Ристовски и Никола Митревски. Денес, пак, во турските редови има само двајца, Кан Челеби, кој настапува во хрватски Нексе и Пеливан Дорук од австриски Фиверс.


Влезници по 150 денари

Влезници за натпреварот Македонија – Турција во Битола можат да се купат на Широк сокак (пред кафе-барот „Портал“). Количеството што ќе биде пуштено во продажба е ограничено, а цената изнесува 150 денари. Другите влезници ќе може да се набават на билетарницата на салата „Боро Чурлевски“, пред почетокот на натпреварот.


Турција без бекот Доне и без пикерот Озбахар

Десниот бек Рамазан Доне (досега 18 гола во Лигата на шампионите), кој е најдобриот ракометен на турскиот првак Бешикташ, не е на списокот на селекторот и тренер на Бешикташ, Илкер Шентурк. Покрај него во репрезентацијата нема да биде ниту одличниот пикер на Бешикташ, Толга Озбахар (24 гола), кој, исто така, е еден од носителите на играта кај репрезентацијата на Турција.


Се очекува рекорд на ЕП 2020 – мечеви пред 33.000 гледачи

Натпреварите на ракометното Европско првенство во 2020 година ќе се играат во шест града, три од нив се во Шведска (Стокхолм, Гетеборг и Малме), два во Австрија (Виена и Грац), а еден во Норвешка (Трондхајм). Финалето ќе се игра во арената „Теле 2“ во Стокхолм. Таа има капацитет од 33.000 места, што ќе биде рекорд на ЕП. Главна новина е зголемувањето на бројот на државите од 16 на 24. Тие ќе бидат распоредени во четири групи со по шест селекции, при што пласман во следната фаза ќе обезбедат најдобрите три од секоја група. Потоа во втората фаза ќе се формираат две групи со по шест селекции, со тоа што секоја ги пренесува освоените бодови од мечевите со противниците кои ја поминале првата фаза. Најдобрите две од секоја од новоформираните групи обезбедуваат пласман во полуфиналето.