Шпанскиот првак по првите четири кола има просек од 38 погодока по меч, а Барселона постигна најмногу голови и во минатата сезона на ЛШ (просек 34,6 гола по средба)
РАКОМЕТ – ЛИГА НА ШАМПИОНИ
Барселона, Веспрем и Алборг се трите екипи од групата Б, кои по четирите одиграни кола во ракометната Лига на шампионите имаат максимален ефект од четири победи. Во 4-то коло шпанскиот првак славеше убедлива победа над хрватскиот шампиони Загреб со 45-27, данскиот првак Алборг му го нанесе третиот пораз сезонава на францускиот вицепрвак Нант (32-24), а Веспрем имаше лесна задача во дуелот со словенечкиот првак Целје (39-24).
Ракометарите на Барселона сезонава наметнаа најофанзивно напаѓачко темпо меѓу 16-те учесници во ЛШ, па по четирите меча имаат 152 гола. Со просек од 38 погодока по меч, избраниците на тренерот Чави Пасквал за 3,4 гола го подобрија напаѓачкиот ефект во споредба со минатата сезона, кога, исто така, го имаа најдобриот напад во ЛШ, со просек од 34,6 гола по средба. Речиси половина од головите (75) се дело на бековската линија на Барселона, во која со 24 реализации најефикасен е десниот бек Дика Мем. Крилата на шпанскиот првак имаат ефект од 55 гола, од кои 22 на десното крило Алекс Гомез, а од линијата од шест метри се реализирани 21 погодок од кои 11 Лудовик Фабрегас.
По четири кола полскиот првак Киелце ја има најдобрата одбрана, со 25,7 примени гола по меч. Во ова коло избраниците на тренерот Талант Душебаев славеа победа над белорускиот првак Мешков со 34-27.