Четвртфиналните реванш-дуели во ЛШ се закажани за среда и четврток, а вкупните победници ќе обезбедат пласман на завршниот фајналфор-турнир, кој по 12-ти пат ќе се игра во Келн

РАКОМЕТ- ЧЕТВРT-ФИНАЛE ВО ЛШ

Данскиот првак Алборг, кој најави формирање силен тим за следната сезона, својата амбициозност ја покажа и против германскиот вицепрвак Флензбург, забележувајќи победа со 26-21, што наедно претставува и најголема предност по првото коло од четвртфиналните дуели во Лигата на шампиони (ЛШ). Најефикасни во победничкиот тим беа централниот бек Феликс Клар и десниот бек Лукас Сандел, кои постигнаа по осум гола, а кај Фленсбург пет пати мрежата ја затресе организаторот на играта, Џим Готфридсон.
До предност од четири гола за реваншот во Веспрем стигна и тимот на македонскиот капитен и селектор Кирил Лазаров, француски Нант, кој целосно го надигра унгарскиот првак во првата четвртфинална средба. Веспрем ја имаше иницијативата во првата половина на првото полувреме (10-7), но со серија од 5-0, Лазаров и соиграчите ја презедоа контролата и стигнаа до солидна предност за реваншот на гости. Голманот Емил Нилсен со 15 одбрани беше избран за играч на натпреварот и еден од најзаслужните во триумфот на францускиот вицепрвак.

Претходно шпанскиот шампион Барселона забележа победа кај белорускиот првак Мешков (33-29), а актуелниот европски шампион, германски Кил со пресврт во последните 10 минути успеа да слави во дуелот со ПСЖ (31-29). Четвртфиналните реванш-дуели од ЛШ се закажани за среда и четврток. Вкупните победници по овие натпревари ќе обезбедат пласман на завршниот фајналфор-турнир во ЛШ (12-13 јуни), кој по 12-ти пат ќе се игра во Келн.


РЕЗУЛТАТИ, 1. КОЛО

Кил – ПСЖ 31-29
Мешков – Барселона 29-33
Нант – Веспрем 32-28
Алборг – Флензбург 26-21