Победничко славење на ракометарките на Металург

Во финалето од завршниот плејоф, кое се одигра во Куманово, клубот од Автокоманда го декласира домаќинот Куманово, со 26-16 (11-7), и ја освои својата деветта титула во оваа конкуренција

РАКОМЕТ

Младинската екипа на ЖРК Металург целосно му се реваншира на Куманово за несреќниот пораз во финалето на минатогодишната сезона. Овој пат девојките од Автокоманда, предводени од тренерката Мери Арсениевска, не дозволија изненадување и во финалето од завршниот плејоф, кој се одигра во салата „Перо Наков“ во Куманово, убедливо го совладаа домаќинот Куманово со 26-16, додека на полувремето скопјанки имаа предност од четири гола (11-7). Третото место во младинската лига го освои Вардар, кој со 37-25 (21-07) беше поуспешен од Чаир. Младинките на Металург сезоната ја завршија со вкупно седум победи и еден нерешен резултат.
За најкорисна ракометарка на завршниот турнир е прогласена Ивана Арсениевска, најдобра голманка е Анастасија Тодоров, и двете од шампионот Металург, додека најдобар стрелец е Стефанија Ѓорѓиевска од Чаир. Претходно во полуфиналните дуели Металург го совлада Чаир, со 35-31, додека Куманово минимално славеше над Вардар, со 27-26.

Тренерките на првата и младинската екипа на ЖРК Металург, Црвенкоска (лево) и Арсениевска

– Кога ќе имате екипа што се држи до сѐ што било договорено и влегува со голема желба и мотив за докажување и надигрување на теренот, успехот не може да изостане. Презадоволна сум од прикажаната игра на девојчињата, тоа што се договориме пред натпреварите, тие и го спроведоа. Едноставно докажаа дека вредат, можат и знаат да играат квалитетен ракомет. Ова за мене е прв златен медал како тренерка и, секако, еден голем мотив да продолжам да се надградувам многу повеќе во иднина. Среќна сум за овој успех, но и горда на моите ракометарки. Верувам дека и за клубот ова е голем успех и дека претставува знак дека Металург е жив и продолжува да биде дел од врвот на македонскиот ракомет. Голем удел во овој успех, секако, имаат и тренерите со кои работам, Јулијана Црвенковска и Крсто Петрушевски, а тука е и управата на клубот. На сите нив им се заблагодарувам за поддршката што ја добивам – ни изјави тренерката на шампионскиот тим, Мери Арсениевска.
За талентираните и надежни ракометарки на шампионскиот тим на Металург, Ивана Арсениевска, Тамара Темелковска, Марија Темелковска, Ива Младеновска, Александра Коловска, Марија Петреска, Нена Несторовска, Мила Васева, Ерика Димитриоска, Јована Јакимовска, Анастасија Тодоров и другите соиграчки уште многу ќе се слуша во иднина.