Ракометот оди во правец во кој се очекува уште поголемо усовршување во брзината и разновидноста и, најважниот сегмент, усовршување на транзицијата во двата правца, вели ракометниот тренер Ристо Магдинчев
РАКОМЕТ – ЕВРОПСКО ПРВЕНСТВО
Со натпреварите за распределба на медалите вчера заврши 15. Европско првенство (ЕП) во ракомет за мажи, во Унгарија и во Словачка. Во финалето се сретнаа актуелниот европски првак Шпанија и Шведска, која има најмногу златни медали (четири). За бронзениот медал играа актуелниот светски првак Данска и актуелниот олимписки шампион Франција. Македонија го освои 22-то место од вкупно 24 репрезентации. ЕП 2022 го обележи ковид-19, па многу ракометари не можеа да настапат или играа со неколку дена пауза, а во втората групна фаза имаше многу возбудливи дуели, со неочекувани пресврти и изненадувачки резултати. Ракометниот врв не се промени, пријатно изненадија Црна Гора, Холандија и Исланд, а повеќе се очекуваше од Хрватска, Словенија и од Унгарија.
– Ракометот оди во правец во кој се очекува уште поголемо усовршување во брзината и разновидноста и, најважниот сегмент, усовршување на транзицијата во двата правца. Тактиката се усовршува во одбрана 6-0, само што имаме почеста модификација на неа во многу агресивна, во дуел-игра за спречување на нападот на брз проток на топка. Во напад повеќе решенија на игра на 1-1, 2-2 и неверојатен брз проток на топка ако имаме плитка зонска формација 6-0. Ќе доминира модерен ракомет, кој во иднина ќе се усовршува повеќе и повеќе – вели ракометниот тренер Ристо Магдинчев.
За ракометниот тренер Владимир Глигоров, ракометот на ова ЕП ја задржа стандардната форма, но очекува промени во иднина.
– Можам да кажам дека ова ЕП беше стандардно, без големи изненадувања во однос на самата игра, но затоа имаше изненадувања во резултатите. Репрезентациите не беа во целосен и најсилен состав поради ковид-19 и тоа генерално влијаеше на играта. Сепак, генерално, ракометот на ова ЕП ја задржа стандардната форма, но очекувам промени доколку се воведе правило за ограничување на траењето на нападот, како што е на пример во кошарката – вели Глигоров.