РАКОМЕТ – ЕВРОПСКА ЛИГА
- Во последниот меч од групната фаза сезонава вардарци победија на гостински терен на дуелот со бундеслигашот Мелсунген и го освоија првото место во групата три
Ракометарите на македонскиот вицепрвак Вардар ќе играат со победникот од двомечот помеѓу француски Монпелје и норвешки Елверум (треба да играат на 31 март и на 7 април) за пласман на фајнлфор-турнирот во второто по ранг европско натпреварување, Европската лига (ЕЛ).
Ова е резултат на освоеното прво место на црвено-црните во групата три на годинашната Европска лига, што им овозможи да го прескокнат осминафиналето, односно да обезбедат директен настап во четврт-финалето. Вардар на 28 април прво ќе гостува во Франција или во Норвешка, а потоа на 5 мај во Скопје ќе го игра реваншот за пласман на завршниот турнир во Хамбург (Германија).
Во последниот меч од групата три, вардарци, предводени од тренерот Иван Чупиќ, го победија на гостински терен бундеслигашот Мелсунген со 34-25. Пред повеќе од 300 македонски навивачи, скопјани остварија значајна победа, откако и претходно на свој терен го победија истиот ривал, со 37-33.
Со по шест гола најефикасни во редовите на Вардар беа Вукашин Воркапиќ и Жоао Педро, пет постигна Никола Боно, а кај голманите се истакна Милош Валах со осум интервенции. Кај домаќините, отскокнуваше Флоријан Дростен со шест гола. Г.И.
ЕВРОПСКА ЛИГА
ГРУПА 1: Кил – Фленсбург 36-29, Бидасоа – Монпелје 34-36. Табела: Кил 12, Фленсбург 6, Монпелје 6, Бидасоа 0.
ГРУПА 2: Гранољерс – Елверум 27-29, Архус – Порто 29-30. Табела: Порто 8, Елверум 8, Архус 6, Гранољерс 2.
ГРУПА 3: Мелсунген – Вардар 25-34, Бенфика – Кристијанстад 22-30. Табела: Вардар 8, Мелсунген 6, Кристијанстад 6, Бенфика 4.
ГРУПА 4: Кадетен – Фредериција 29-30, Нексе – Хановер 26-23. Табела: Хановер 8, Нексе 6, Фредериција 6, Кадетен 4.
ОСМИНАФИНАЛЕ
1. Кристијанстад – Нексе 31 март и 7 април
2. Монпелје – Елверум 31 март и 7 април
3. Фредериција – Мелсунген 31 март и 7 април
4. Архус – Фленсбург 31 март и 7 април
ЧЕТВРТ-ФИНАЛЕ
Победник 1 – Кил 28 април и 5 мај
Победник 2 – Вардар 28 април и 5 мај
Победник 3 – Порто 28 април и 5 мај
Победник 4 – Хановер 28 април и 5 мај

































