ФИФА денеска ќе ги прогласи најдобрите во девет категории. Од годинашните кандидати за наградите, лани победници беа Левандовски (најдобар фудбалер), Ноер (најдобар голман) и Вигман (најдобар тренер на женска екипа). Во конкуренцијата на фудбалерки ќе има нова добитничка на наградата, а кај фудбалерите Меси е во трка за седмиот ваков трофеј, Левандовски за вториот, а Салах за првиот

ФУДБАЛ – ИЗБОР НА ФИФА НА НАЈДОБРИТЕ ЗА 2021 ГОДИНА

Џенифер Ермосо (од Шпанија, членка на Барселона), Сем Кер (Австралија, Челси) и Алексија Путејас (Шпанија, Барселона) во женска и Роберт Левандовски (Полска, Баерн), Лионел Меси (Аргентина, Барселона и Пари сен Жермен) и Мохамед Салах (Египет, Ливерпул) во машка конкуренција се кандидатите за најдобри во фудбалот за 2021 година, на денешниот (од 19 часот) избор во организација на Светската фудбалска федерација (ФИФА).
Во конкуренцијата на фудбалерки ќе има нова добитничка на наградата. Кај фудбалерите, Меси е во трка за седмиот ваков трофеј, ланскиот победник Левандовски за вториот, а Салах за првиот.
За наградите гласаше меѓународно жири, кое го сочинуваат актуелните селектори на сите женски и машки национални тимови (по еден по тим), актуелните капитени на сите женски и машки репрезентации (по еден по тим), по еден новинар од секоја членка на ФИФА, како и гледачите регистрирани на сајтот на ФИФА.
Покрај овие две категории, награди ќе има во уште неколку други. За наградата „Пушкаш“ во трка за најубав гол се Ерик Ламела (Аргентина) за голот за Арсенал на мечот со Тотенхем во Премиер-лигата, на 14 март 2021 година, Мехди Тареми (Иран) за голот за Порто на мечот со Челси во Лигата на шампионите, на 13 април 2021 година, и Патрик Шик (Чешка) за погодокот на дуелот со Шкотска на Европското првенство, на 14 јуни 2021 година.

Кандидатки за најдобра голманка се Ен-Катрин Бергер (Германија, Челси), Кристијан Ендлер (Чиле, Пари сен Жермен и Лион) и Стефани Лин Мари Лабе (Канада, Розенгард и Пари сен Жермен). Во конкуренција за најдобар голман се Џанлуиџи Донарума (Италија, Милан и Пари сен Жермен), Едуард Менди (Сенегал, Челси) и Мануел Ноер (Германија, Баерн).
Во трка за најдобар тренер на женска екипа се Луис Кортес (Шпанија, Барселона), Ема Хејс (Англија, Челси) и Сарина Вигман (Холандија, холандска и англиска репрезентација). За најдобар тренер на машка екипа конкурираат Пеп Гвардиола (Шпанија, Манчестер сити), Роберто Манчини (Италија), Томас Тухел (Германија, Челси)…
Од годинашните кандидати за наградите, лани победници беа Левандовски, Ноер и Вигман.