РАКОМЕТ – ВТОР МЕМОРИЈАЛЕН ТУРНИР „МАРКО БОЖИНОВСКИ“

Кадетскиот тим на скопски Алкалоид победи на вториот меморијален турнир „Марко Божиновски“ што се одржува во чест на прерано починатиот македонски ракометар и репрезентативец.
На турнирот во Скопје учествуваа и екипите на Коњух (БиХ), Еурофарм Пелистер, Бутел, Голден Арт и Аеродром, а победникот Алкалоид беше убедлив, славејќи на сите четири одиграни средби. Во првото коло беше совладан Коњух (30-27), во второто Аеродром (48-21), а во полуфиналето Бутел (27-16). Во финалниот натпревар, Алкалоид повторно ги одмери силите со Коњух, кој, пак, во полуфиналето го победи Еурофарм Пелистер (34-28) и вторпат победи, овој пат минимално (26-25).
Младите ракометари на Нексе победија на првото издание на меморијалниот турнир, во минатата година, совладувајќи ги своите врсници од Војводина со 37-33,
Марко Божиновски беше дел од кадетската репрезентација на Македонија на Светското првенство во 2019 година во Скопје, а беше дел и од младинската селекција на Македонија. Првите чекори во пионерска и во кадетска конкуренција ги направи во Металург, а потоа две сезони го носеше дресот на тимот од Бутел. Трипати беше прогласуван и за играч на колото во сениорска конкуренција, а личниот рекорд му е 21 постигнат гол на еден натпревар. Г.И.