Репрезентацијата на Шведска ја брани титулатa / Фото: ЕПА

Олимпискиот првак Франција ќе игра со европскиот шампион Шведска, а домаќинот на ЕП 2024, Германија, ќе се сретне со светскиот првак Данска, денеска, во полуфиналето на континенталното првенство. Шведска досега освои пет титули, Франција три, а по две имаат Германија и Данска

РАКОМЕТ – ЕВРОПСКО ПРВЕНСТВО ВО ГЕРМАНИЈА

Франција – Шведска и Германија – Данска се денешните полуфинални двојки, а Унгарија и Словенија ќе играат за петтата позиција на 16. Европско првенство (ЕП) во ракомет за мажи во Германија, по петтото коло во главната група еден, во кое полуфиналните надежи на Австрија завршија со поразот од Исланд со 24-26, а Франција ја победи Унгарија со 35-32 и со тоа ѝ овозможи пласман на Германија во полуфиналето уште пред да се сретне со Хрватска, која подоцна победи со 30-24.
Олимпискиот првак Франција игра за пласман во своето четврто финале, а во досегашните три не загуби.
– Мислам дека Шведска има одлична одбрана 6-0 и навистина е брза и во контранападите. Често кога губевме од нив, тие даваа лесни голови бидејќи правевме технички грешки, ќе се обидеме утре да ги направиме што помалку – вели Лука Карабатиќ, пикерот на Франција, пренесе Европската ракометна федерација (ЕХФ).
За бранителот на европската титула Шведска, ако стигне до финалето, тоа ќе биде седмо учество во мечот за трофејот, а во досегашните шест има пет победи.
– Мислам дека секој натпревар е посебен, но и дека играме на различно ниво од лани. Двете репрезентации одлично се познаваат, ова ќе биде четврто полуфинале меѓу нас. Се среќаваме со една од најдобрите репрезентации. Но ние сме многу силен тим, многу веруваме во себе и сигурен сум дека ќе имаме збор на овој натпревар – вели за ЕХФ Глен Солберг, селектор на Шведска.
Германија и Данска досега трипати играле во финалињата на ЕП и имаат по две титули. Германија шести пат е во полуфинале, првпат по 2016 година, кога ја освои титулата.

– Тестиравме многу во последната година, играчи и како да изградиме нов тим. Го направивме тоа и многу сум задоволен од тоа како тие се претставија. Досега не беше сѐ совршено, но мислам дека заслужено сме во полуфиналето. Многу сум задоволен од тимот досега и ќе видиме што можеме да направиме денеска – рече Алфред Гисласон, селектор на Германија, пренесе ЕХФ.
Во финалето годинава се можни репризи на две претходни финалиња (во 2002 година играа Шведска и Германија, а во 2014 година се сретнаа Франција и Данска).
– Знаеме дека ќе биде тешко, но јас силно верувам дека ако можеме да останеме силни во одбраната и да им дадеме можност на нашите голмани да бидат победници на натпреварот, имаме добри шанси да бидеме во финалето – изјави за ЕХФ Хенрик Молгард, пикерот на Данска
Ниту еден од германските играчи не настапи повеќе од 40 минути на мечот со Хрватска, а селекторот Гисласон одлучи да ги одмори своите ѕвезди пред настапот денеска. Голманот на Хрватска, Доминик Кузмановиќ (21), имаше фантастичен меч со 22 одбрани (48 отсто) и беше прогласен за играч на средбата. Тој досега настапи на пет меча и се искачи на седмото место во генералниот пласман со 55 одбрани, со просек од 11 по меч.
– За нас е неверојатно да го победиме домаќинот на ваков натпревар, пред 20.000 навивачи. Игравме тимски во текот на целиот меч. Малку е тажно што ги одигравме нашите најдобри игри во првиот и последниот меч. Барем завршуваме на високо ниво и си одиме со победа – рече Кузмановиќ.
Франција е единствена од полуфиналистите со седум победи на досегашните седум средби на ЕП 2024 и влегува во полуфиналето без загубен меч вторпат, откако триумфира во 2010 година, тогаш со шест победи и две ремија. Франција постигна повеќе од 30 гола шести пат во седумте меча на годинашното континентално првенство и има најдобар напад, со 239 гола.

– Сите видоа од ритамот што го имавме во првите 10 минути дека не бевме таму само за да го играме тој натпревар, туку да победиме – изјави десниот бек на Франција, Недим Ремили.
Со одморањето на бекот Никола Карабатиќ за овој меч, Франција имаше уште силна моќ. Ремили постигна седум гола, Дика Мем шест, а вкупно 13 од 14 играчи на Франција постигнаа најмалку по еден гол. Унгарија може да го постигне најдобриот пласман на едно ЕП, ако ја победи Словенија.
Дуелот Австрија – Исланд беше и дуел помеѓу двајцата голмани, Константин Местл (20 одбрани, 44 отсто ефикасност) и Виктор Халгримсон (13 одбрани, 46 отсто).
– Одигравме многу добро прво полувреме, нашата одбрана беше добра. Во почетокот на второто полувреме игравме слабо 10 минути и тие го искористија тој момент. Возвративме и го добивме дуелот – рече голманот на Исланд, Бјоргвин Пал Густавсон. Г.И.


ЕП 2024

ПОЛУФИНАЛЕ
Франција – Шведска 17.45 ч.
Германија – Данска 20.30 ч.
ДУЕЛ ЗА ПЕТТО МЕСТО
Унгарија – Словенија 15 ч.


ЕКИПНА СТАТИСТИКА

  • Најефикасни: Франција 239/362 (66 отсто), Холандија 224/340 (65,9)
  • Голови од поле: Франција 224/338 (66,3), Холандија 201/313 (64,2)
  • Одбрани: Данска 96/268 (35,82), Австрија 91/276 (32,97), Германија 90/263 (34,22)
  • Пенали: Данска 29/34 (85,3), Шведска 29/40 (72,5), Португалија 25/29 (86,2)
  • Додавања: Австрија 5.313 (98,6), Словенија 5.307 (98,6), Португалија 5.140 (99)
  • Истрчано растојание: Словенија 219,35 км, Португалија 217,96 км, Исланд 216,59 км

ПОЕДИНЕЧНА СТАТИСТИКА

  • Најефикасен играч: Мартим Коста (Португалија) 54/81 (66,7 отсто успешност)
  • Најмногу одбрани: Константин Местл (Австрија) 81/229 (35,37)
  • Најбрз шут: Богдан Радивојевиќ (Србија) 129,46 км/ч.
  • Најбрз спринт: Дилан Нахи (Франција) 31,57 км/ч.
  • Најмногу додавања: Лукас Хутечек (Австрија) 1.747 (99,4)
  • Најмногу асистенции: Недим Ремили (Франција) 43 (6,14)
  • Најголемо истрчaно растојание: Лукас Хутечек (Австрија) 31,5 км
  • Најмногу погодени седмерци: Рутгер тен Велде (Холандија) 21/24 (87,5)