РАКОМЕТ
Ракометната репрезентација на Србија победи на четвртото издание на меморијалниот турнир „Марко Божиновски“, кој традиционално се игра во чест на прерано починатиот македонски ракометар Марко Божиновски. На турнирот, кој беше наменет за младински категории и имаше меѓународен карактер, учествуваа ракометари до 17 години.
Во финалниот натпревар Србија ја совлада Македонија со 32-27 (16-13), што наедно беше и прв пораз на црвено-жолтите. Третото место ѝ припадна на Б-репрезентацијата на Македонија, која со 27-25 беше поуспешна од селекцијата на Катар. Петта е репрезентацијата на БиХ, откако по изведувањето пенали славеше на дуелот со Романија, со 38-37.
На турнирот беа доделени четири индивидуални награди. За најкорисен играч (МВП) беше прогласен Александар Стојковиќ (Србија), најдобар стрелец е Ријад Халиловиќ (БиХ), најдобро лево крило е Стефан Ѓорѓиески (Македонија), а најдобар голман е Ѓорѓи Николовски (Македонија).
Г.И.